Проштален прием на јапонскиот амбасадор Оцука: Ја изразувам мојата длабока почит кон оваа земја, се надевам на зајакнување на инвестициите од Јапонија
- Јапонскиот амбасадор Казуја Оцука синоќа одржа проштален прием по повод завршување на неговиот мандат како амбасадор на Јапонија во земјава. Тој во својот проштален говор истакна дека денес кога светот се соочува со големи предизвици на меѓународниот мир и поредок, Јапонија и Северна Македонија се залагаат и придонесуваат за промоција на основните заеднички вредности како што се слободата, демократијата, човековите права и владеењето на правото.
Скопје, 18 декември 2024 (МИА) - Јапонскиот амбасадор Казуја Оцука синоќа одржа проштален прием по повод завршување на неговиот мандат како амбасадор на Јапонија во земјава. Тој во својот проштален говор истакна дека денес кога светот се соочува со големи предизвици на меѓународниот мир и поредок, Јапонија и Северна Македонија се залагаат и придонесуваат за промоција на основните заеднички вредности како што се слободата, демократијата, човековите права и владеењето на правото.
На приемот беше присутна и претсдателката Гордана Сиљановска Давкова, заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, претставници на дипломатскиот кор, бизнис секторот и медиумите.
- Оваа година славиме многу значаен јубилеј - 30-годишнината од нашите дипломатски односи. По тој повод организиравме над 30 прекрасни настани: концерти, филмски проекции, изложби и работилници низ културните институции ширум вашата земја. Би сакал да се заблагодарам на нашите поддржувачи. Најпрвин на Минстерството за култура и македонските културни институции. Понатаму, на нашите пријатели од деловната заедница, како и на обновеното Македонско – Јапонско друштво за пријателство и соработка, рече Оцука.
Тој изрази надеж дека новата влада ќе ја зајакне информативната кампања за поттикнување на странски инвестиции од Јапонија, додавајќи дека Експо во Осака следната година ќе биде одлична можност за таква промоција.
- Сакам да ја изразам мојата длабока почит кон оваа земја. За време на мојот престој се стекнав со подлабоко вреднување на вашата историја, култура, политички предизвици, како и за вашиот капацитет да одржувате добри односи со соседите. Ја сакам оваа земја и ви посакувам успех и просперитет на патот кон ЕУ, рече Оцука.
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Димитровски, истакна дека Јапонија е еден од најзначајните партнери на нашата земја.
- Со гордост можеме да кажеме дека од 1996 година, јапонската поддршка достигна импресивна сума од преку 430 милиони евра. Оваа помош се манифестира преку бројни проекти во областа на образованието, локалната инфраструктура, водоснабдувањето, здравството и локалната самоуправа, директно придонесувајќи кон подобрување на животот на нашите граѓани, рече Димитровски.
Посочи дека особено значаен аспект на нашата соработка е техничката и експертската помош од Јапонија. -Преку изработката на важни развојни студии кои се клучни за нашиот национален развој, како и преку научно-техничката специјализација на наши експерти на престижните јапонски универзитети, оваа соработка директно придонесува кон градењето на нашите професионални капацитети и забрзување на нашиот развој, рече Димитровски.
На синоќешниот настан беше претставена и изложба посветена на историјата на 30-годишно пријателство меѓу Северна Македонија и Јапонија. нд/бак/
Фото: Јапонска амбасада