• вторник, 12 ноември 2024

Проширувањето и зајакнувањето на ЕУ и владеењето на правото теми на неформалниот европски Совет за општи работи

Проширувањето и зајакнувањето на ЕУ и владеењето на правото теми на неформалниот европски Совет за општи работи

Брисел, 30 април 2024 (МИА) – Процесот на проширување, зајакнувањето на Европската Унија и заштитата на владеењето на правото во рамките на блокот ќе бидат главни теми на денешното продолжение на дводневното неформално заседание Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) во Брисел. 

Заседанието започна синоќа со свеченост во бриселскиот Центар за ликовни уметности „Бозар“ со која се одбележа 20-годишнината од приемот на Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка во Европската Унија на 1 мај 2004 година.  

На денешниот работен дел од неформалниот Совет за општи работи министрите или државни секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања ќе разговараат за процесот на проширување, вклучувајќи и за искуствата од проширувањето во 2004 година, за потребата од зајакнување на Унијата, како и за инструментите на блокот за заштита на владеењето на правото.  

Меѓу другото, предвидено е европските министри да разменат на мислења со претставници на земјите кандидати и аспиранти за членство на ЕУ за владеењето на правото во рамките на процесот на проширување.   

На заседанието ќе стане збор и за важноста за почитување на владеењето на правото во рамки на Унијата, како и за потенцијални подобрувања на постоечките механизми на заштита на овој принцип и нивната ефикасност.  

На состанок европските министри ќе разговараат и за иднината на ЕУ, при што се очекува да разменат мислења за потребните чекори и реформи за зајакнување на капацитетот за дејствување на Унијата.  

Неформалните заседанија на Советите на ЕУ се средби на ресорните министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за различни теми и прашања по кои треба да се решава на формалните средби или на состаноци на други тела на Унијата. сп/ 

Фото: МИА Архива

Остани поврзан