• недела, 22 декември 2024

Противниците на Мадуро протестираа точно еден месец по спорните избори во Венецуела

Противниците на Мадуро протестираа точно еден месец по спорните избори во Венецуела

Каракас, 28 август 2024 (МИА) – Противниците на венецуелскиот претседател Николас Мадуро денеска повторно излегоа на улиците со намера да ги оживеат протестите против него кои првично избувнаа по минатомесечните спорни избори на кои Мадуро тврдеше дека победил, а опозицијата дека беа украдени.

Демонстрациите во главниот град Каракас се случуваат точно еден месец по изборите на 28 јули на кои Мадуро беше прогласен за победник и покрај силните докази дека вистинскиот победник е кандидатот на опозицијата Едмундо Гонзалес и предизвикаа меѓународна осуда дека гласањето не беше транспарентно.

За време на неколкунеделните демонстрации, притисокот на опозицијата беше постојан, но засега неефикасен. Противниците бараа претставниците на изборите да ги објават резултатите од секое избирачко место, што, според нив, ќе ги разоткрие обидите на Мадуро да ги намести изборите.

Поддржувачите на Мадуро, исто така, планираа да одржат митинзи денеска, ветувајќи дека ќе ја „одбранат“ победата на Мадуро од, како што велат, обидите да предизвикаат немири низ јужноамериканската земја.

Врховниот суд на Венецуела минатата недела потврди дека Николас Мадуро победил на претседателските избори одржани во земјата на 28 јули, наведувајќи дека резултатите од гласањето објавени на Интернет, според кои Мадуро изгубил, се фалсификувани.

Врховниот суд ја донесе одлуката како одговор на барањето на Мадуро да се преиспита вкупниот број на гласови дадени на претседателските избори на 28 јули, откако опозицијата ги објави записите од гласањето на интернет од 80 отсто од избирачките места, кои покажаа дека опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес победил со големо мнозинство. јт/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан