• недела, 22 декември 2024

Протест во Атина против вакцините и задолжителната вакцинација, навреди и слогани кон новинарите

Протест во Атина против вакцините и задолжителната вакцинација, навреди и слогани кон новинарите
Атина, 14 јули 2021 (МИА) -  Со слогани против вакцините и задолжителната вакцинација, против Владата и грчкиот премиер, но и против новинарите, стотици граѓани, без маски, дистанца и какви било заштитни мерки, денеска протестираа пред грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина. Поради навредливите слогани, но и пцовки кон новинарите и неколку фрлени предмети, новинарските екипи со помош на полицијата беа принудени да се засолнат за да се избегнат дополнителни инциденти, нешто, што како што јавува дописничката на МИА од Атина, не било пракса на други протести. Иако демонстрациите беа против вакцините и имунизацијата, сепак не изостанаа и радикални и националистички слогани. Преку социјалните мрежи денеска беа организирани низа протести во повеќе грчки градови, но и два беа во Атина, под пораките „Не за задолжителна вакцинација", „Не за вакцините". Вакцинацијата во Грција и понатаму е доброволна и не е задолжителна за општата популација, а исклучок се  здравствените работници и вработените во одредени центри за грижа на лица. Процесот на имунизација во земјата се одвива непречено, со околу 80 до 90 илјади вакцинации дневно, а досега се аплицирани 9.485.402 дози, 5,3 милиони граѓани примиле најмалку една доза, а 4,4 милиони се целосно вакцинирани.ср/зш/ Фото: МИА

Остани поврзан