• понеделник, 23 декември 2024

„Простор за разговор“ во „Мала станица“

„Простор за разговор“ во „Мала станица“
Скопје, 26 ноември 2022 (МИА) - Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ вечер ќе почне првиот од серијата настани насловени „Простор за разговор“ или „Dancing (Talking) Table“, во организација на Интерарт културниот центар, со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје. Како што е најавено, настанот ќе почне со танцов перформанс, кој ќе го изведат танчерите на Скопје танцов театар и подмладокот на компанијата, студентите на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Потоа ќе се прикаже танцовиот филм со истиот наслов, за кој инспирација беа сведоштвата на жртви на родовата (не)еднаквост и семејното насилство. По филмот, тројца активисти ќе говорат од различни аспекти на темата, тоа се: Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Огнен Јанески, амбасадор против говорот на омраза за Западен Балкан на Советот на Европа и ЕУ и Ана Зафирова, новинарка и активистка. Танцовиот перформанс „Dancing Table“ е во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, а на музика на Тони Китановски. Костимите се на Благој Мицевски, а сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ. Настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Бобан Русески и подмладокот од Катедрата за современ танц при УГД: Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша, Микаела Ангела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска, Стефанија Милевска Враниќ. Проектот има за цел преку уметнички активизам да се подигнува свеста за родовата (не)еднаквост и семејното насилство. Во текот на пролетта 2023 година ќе патува низ десетина градови во земјава со цел да се поттикнат активностите и свесноста на што поголема територија. Директорот на Интерарт културен центар Матеа Мијановиќ, која го води проектот, смета дека е „важно да се постават прашања во однос на темата и јавно да се разговара за неа“. мд/са/

Остани поврзан