• понеделник, 23 декември 2024

Просечната активна транспарентност на институциите во 2022 изнесува 73 проценти

Просечната активна транспарентност на институциите во 2022 изнесува 73 проценти
Скопје, 18 август 2022 (МИА) - Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2022 година изнесува 73 проценти, што е подобрување за десет процентни поени во однос на минатата година кога изнесувало 63 отсто, покажува најновото рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер на Центарот за граѓански комуникации. Рангирањето се објавува еднаш годишно од 2016 година и во него се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини. Својата активна транспарентност годинава ја подобриле дури 81 процент од институциите. Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 85 отсто, а на општините 70 проценти. За разлика од лани, министерствата се подобриле за 6 процентни поени, а општините за 10. Две институции: Министерството за одбрана и Владата имаат по максимални 100 проценти, односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност. Потоа следуваат Министерството за локална самоуправа со активна транспарентност од 95,5 проценти, па Министерството за финансии - 94,4 отсто, Министерството за внатрешни работи, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за здравство и Министерството за образование и наука сите со по 91,7 проценти активна транспарентност и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со 91,3 проценти. Најмала активна транспарентност имат Министерството за политички систем и односи со заедниците - 54,3 проценти и Министерството за надворешни работи - 60,9 отсто. Потоа следуваат Министерството за транспорт и врски - 75 проценти, Министерството за култура - 77,1 отсто, Министерството за економија - 81,3 проценти, Министерството за правда и Министерството за труд и социјална политика со по 83,3 отсто и Министерството за информатичко општество и администрација со активна транспарентност од 89,6 процнти. Од општините три се наоѓаат на третата позиција, со високи 97 проценти исполнетост на обврските за објавување информации според активната транспарентност и се воедно лидери - Битола, Валандово и Карпош. Најслаба транспарентност од општините имаат Арачиново со 8,7 проценти и Зелениково со 17,4 отсто активна транспарентност. Меѓу регионите, на првото место е Југоисточниот Регион со 84 проценти активна транспарентност, додека на последно место останува Скопскиот Регион со 56 отсто активна транспарентност. Најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите, само 56 проценти од можни 100 отсто кај општините и 82 проценти од можни 100 отсто кај министерствата. Од Центарот за граѓански комуникации, информираат дека на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, општините во просек одговарале за 12 дена, што е подобрување во однос на минатата година кога тоа било за 17 дена. Кај министерствата овој рок е 16 дена и нема помрднување во однос на лани кога, исто така било за 16 дена. Во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена одговориле 93 проценти од институциите. аа/дма/

Остани поврзан