• понеделник, 25 ноември 2024

Промоција на книгата раскази „Скарбо“ од Јадранка Владова на Филолошкиот факултет на УКИМ

Промоција на книгата раскази „Скарбо“ од Јадранка Владова на Филолошкиот факултет на УКИМ

Скопје, 19 април 2024 (МИА) - Книгата „Скарбо“ со сите раскази за возрасни на универзитетска професорка, писателка и критичарка Јадранка Владова (1956-2004)  денеска ќе биде промовирана на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Како што информира издавачката куќа „Арс Ламина“, книгата ги спојува двете подзагубени збирки раскази на  Владова – „Скарбо во мојот двор“ (првично публикувана во 1986 година) и „Воден знак“ (1990). Изданието ќе го претстават Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска и Трајче Стамески.

Новата публикација е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“ на „Арс Ламина“  во која се реобјавени капитални дела од најзначајните македонски книжевници Блаже Конески, Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Влада Урошевиќ, Живко Чинго, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Петре Бакески, Катица Ќулавкова...

Јадранка Владова е родена во Скопје на 20 април 1956 година. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје ги предавала предметите Светска литература и Литература за деца. Нејзини најзначајни дела се: „Скарбо во мојот двор“, „Воден знак“, романот „Исток – Запад“ – во соавторство со Небојша Кнежевиќ, драмата „Куќа“, критичката книга „Волшебноста на зборот“; „Измислување на светот“, „Мојот пријател А.“, „Девојчето со две имиња“, „Гледалото зад огледалото“, „Деца како мене“ – во соавторство со фотографот Владимир Тодоров; Учебник по македонски јазик за I година гимназија (ПЕКСНАС), Македонско-чешки речник (со група чешки соработници), Основи на демократијата за I одделение, Пристап кон лирската песна за основното образование, Читанка за петто одделение, Македонски јазик и литература за петто одделение, Македонски јазик и литература за шесто одделение и други. Почина во Скопје на 11 декември 2004 година.

По промовирањето на книгата  „Скарбо“ на Филолошкиот факултет, издавачката куќа „Арс Ламина“ утре ќе ја промовира и на Саемот на книгата, по повод денот на раѓањето на Јадранка Владова. мд/хс/

Фото: Фејсбук на Македонски центар за литература
 

Остани поврзан