• понеделник, 23 декември 2024

Промоција на две книги од Васко Шутаров

Промоција на две книги од Васко Шутаров

Скопје, 26 мај 2023 (МИА) - По повод чествувањето на заштитникот на Гевгелија, христијанскиот празник Вознесение Христово - Спасовден, Домот на културата „Македонија“- Гевгелија, под покровителство на Општина Гевгелија, организира богата културна програма, на која, вечер, во 20 часот, ќе бидат промовирани две книги од Васко Шутаров.

Книгите „Со зрно сол. И парче локум“ (карантински колумни) и „Кога Татковината станува чедо, а вистината борба“ на Васко Шутаров-политиколог, поранешен пратеник и дипломат, колумнист и професор на МИТ Универзитетот се збирки од колумни, објавени од книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје, a финансиски помогнати од Општина Гевгелија.

Промотори на книгите се Елка Јачева-Улчар, Бранко Цветкоски и Ирина Димовска.

Во рецензијата за неговата збирка карантински колумни, Јачева-Улчар ќе запише дека она што остава посебен впечаток во колумните на Шутаров е неговата синтакса по која е препознатлив неговиот стил.

-Кажано со јазикот на синтаксичарите, Шутаров го разбива објективното реченично актуелно расчленување што ја подразбира линеаризацијата: тема + премин + рема, и прибегнува ту кон субјективната рема + премин + тема, ту кон рема + тема + премин. Токму последниов реченичен редослед е она што ја прави раскажувачката постапка на Шутаров особена и впечатлива, а на неговото четиво му дава извесен динамизам што придонесува кон тоа актуелните и мудри колумни на овој автор да се читаат во еден здив или кажано метафорично: како чашка жесток (интелектуален) пијалак испиен одеднаш до последна капка, вели Јачева-Улчар.

Авторот на оваа збирка колумни Васко Шутаров е доктор по политички науки и со значаен број активно поминати години во политиката, како парламентарната така и дипломатската. И во тој контекст, неговиот интерес за актуелните политики на меѓународен и на домашен план, е сосема разбирлив. Но читајќи ги неговите колумни, додава таа, разбирам дека неговото „вјерују“ е, сепак културата. И кога пишува за актуелни политички настани, за здравствени проблематики, за еколошки или за образовни проблеми, а посебно за неговите омилени теми поврзани со креирањето културни

политики и културна дипломатија, рамката за негова опсервација е секогаш културолошкиот контекст на случување на нештата. И од таа рамка, изнедруваат сознанија кои можат несомнено да бидат не само корисно четиво за читателите на неговите колумни, туку и корисен потсетник за сите кои во моментов или во иднина ќе креираат политики“.

Настанот се организира во просториите на Хотел „Аполонија“ во Гевгелија. вг/

Остани поврзан