• понеделник, 23 декември 2024

Промовиран проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите“

Промовиран проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите“
Скопје, 12 август 2021 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на промоцијата на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите“, којшто по повод 12 август - Меѓународниот ден на младите, се одржа во Кабинетот на шефот на државата. Посочувајќи дека целта на денешниот настан е да се поврзат работодавачите и младите лица кои се во потрага по можности за кариерен развој, Пендаровски изрази уверување дека проектот ќе придонесе за професионален развој и економска независност на младите преку одржлив систем за градење вештини и компетенции, прилагодени на потребите на пазарот на трудот. - Успехот на предвидените активности секако зависи и од тоа колку младите ќе бидат проактивни, трагајќи по можности за стекнување знаење и вештини, но и од тоа колку корпоративниот сектор и граѓанските организации ќе ја препознаат оваа добра можност и ќе се здобијат со вреден човечки капитал со потенцијал соодветно да одговори на нивните потреби и барања, рече Пендаровски. Проектот го спроведува Националниот младински совет на Македонија и Младинската група, а е поддржан од Британската амбасада во Скопје и од Кабинетот на претседателот. - Апсолутно сум убеден дека со заеднички напори на сите надлежни општествени субјекти можеме да помогнеме во отворањето на нови можности и создавањето на позитивна атмосфера, со цел, младите да станат активен дел од важните општествени процеси. Заеднички да се обидеме да се оттргнеме од летаргијата, апатијата, демотивираноста и да отвориме нови перспективи, простор за нови идеи преку кои ќе ја канализираме младинската енергија, додаде Пендаровски во обраќањето. На настанот учествуваа околу 20 претставници од компании вклучени во програмата за практикантство во рамки на проектот МладиХаб и околу 30 млади лица. - Преку нашиот проект со Канцеларијата на Претседателот и Националниот младински совет ќе се обучуваат и менторираат млади луѓе како да основаат свои бизниси и ќе соработуваат со приватниот сектор и граѓанското општество за создавање на партнерства. Овие партнерства ќе создадат можности за младите луѓе да стекнат корисно работно искуство од компаниите и граѓанското општество, рече Доминик Отвеј, вршител на должност во Британската амбасада во Скопје. Претседателката на Националниот младински совет на Македонија, Марија Крстевска нагласи дека годинава фокусот им е на градењето компетенции на младите. - Се уште посветени на нашата мисија и водени од фактот што еден од најчестите предизвици при вработување за младите е недостигот на работно искуство, оваа година работиме на градење на компетенции на младите. Проектот опфаќа практикантство, менторство, обуки за претприемништво и канцеларии во повеќе градови со цел да ги доближиме програмите за вработување, обука и дообука на младите, заклучи Крстевска. мс/сп/

Остани поврзан