Промовирани резултатите од проекти за локална климатска акција - успешни приказни применливи ширум земјата
- Искористување на обновливи извори на енергија, преку поставување на соларни волтаици, примена на мерки за поодржливо земјоделство, за одржлив урбан транспорт и за подобрување на состојбата со енергетската сиромаштија, се дел од резултатите на проектите на граѓанските организации - подгрантистите од програмата „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ со кои тие ја помагаат климатската акција на локално и национално ниво.
Скопје, 28 јануари 2025 (МИА) -Искористување на обновливи извори на енергија, преку поставување на соларни волтаици, примена на мерки за поодржливо земјоделство, за одржлив урбан транспорт и за подобрување на состојбата со енергетската сиромаштија, се дел од резултатите на проектите на граѓанските организации - подгрантистите од програмата „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ со кои тие ја помагаат климатската акција на локално и национално ниво.
На настанот во присуство на претставници од Амбасадата на Шведска, како основен донатор на програмата, на граѓански организации како подгрантисти на програмата, како и претставници од релевантни институции, агенции, и од општини во кои се реализирани проектите на подгрантистите, Жарко Конески од Еко-свест истакна дека проектите кои се презентирани денеска се успешни приказни и се применливи и во други општини ширум земјава.
-Преку финансиска поддршка од Еко - свест и Владата на Шведска граѓанските организации во различни градови работеа климатски акции коишто им помагаат на граѓаните во одредени проблеми или предизвци. На пример, работевме на проекти коишто значат искористување на обновливи извори на енергија, како поставување на волтаици во Културниот центар во зелената комуна Белица и поставување на соларни волтаици во Центарот за зависници од Струмица. Работевме со организации на примена на поодржливо земјоделство, во Делчево, работевме на решенија за одржлив урбан транспорт преку решенија коишто значат повеќе користење на велосипеди или други превозни средства коишто помалку загадуваат. Работевме со организации коишто нудеа совет или решенија за подобрување на состојбата со енергетската сиромаштија, и како граѓаните може подобро да се справат со тие проблеми, вели Конески.
Според него, во проектот биле вклучени граѓански организации коишто ги разбираат локалните потреби на заедницата, имаат капацитет да ја мобилизираат заедницата и граѓаните, и знаат, и можат да понудат соодветни решенија за климатските и предизвиците во животната средина. Токму поради ова, вели тие се достоен партнер на национално и локално ниво на институциите во државава.
Прашан каде е Скопје во целата оваа приказна со климатските промени, како и аерозагаденоста која е еден од најголемите проблеми за жителите на главниот град, Конески нагласува дека предизвици коишто урбана метропола како Скопје ги има се многубројни.
-Проблемите во поголемите градови се поголеми, проблемите во помалите градови исто така може да бидат големи, но понекогаш можеби се полесно, да речам, решливи. И преку овие граѓански иницијативи и проекти, се нудеа решенија коишто помагаат во намалување токму на овие проблеми. Значи решенија кои што значат помалку загадување, повеќе користење на обновливи извори, подобри решенија за граѓаните, одржливи решенија и секогаш се работеше во соработка со локалните заедници, со општините за граѓанските организации, граѓаните заедно да доѓаат до решенија кои се потребни. Нашата порака и сите активности преку оваа програма е и го повторуваме тоа, заедничка соработка меѓу институциите, локалната самоуправа, граѓанските организации, тоа е советот што секогаш го даваме. Затоа што општините имаат доверлив партнер во граѓанските организации коишто многу често имаат искуство ги знаат локалните потреби и проблеми, имаат директен контакт со граѓаните и можат брзо да реагираат на нивните потреби. И тоа е секогаш препорака да се работи заедно со институциите и со граѓаните, вели претставникот од Еко-свест.
Тој додава дека во рамки на оваа програма „Граѓанските организации во акција за климатските промени“, конкретно во Град Скопје работеле со општините Центар, Аеродром, а спровеле и проект којшто ги опфати сите општини во скопскиот регион за урбан транспорт. Вклучени биле и општини ширум земјата - Делчево, Кавадарци, Гостивар, Дебар, Преспа, Преспанскиот регион.
-Постојат успешни примери. Секогаш е потребна волја, понекогаш и ресурси и можност луѓето заедно да работат на решавање на проблемите. Ова е програма што трае четири години. Сите овие проекти се применливи во сите останати региони, општини во Македонија. Секако дека придонесуваат кон намалување на загадувањето и на проблемите, помагаат во решавање на климатските проблеми. Меѓутоа најважно од се е, отвораат простор за подобро разбирање, прво информираат, а потоа овозможуваат и разбирање на проблемите и можните решенија кај институциите и кај останатите чинители, подвлекува Конески.
Од Шведската амбасада посочија дека согласно проценките на Светска банка Северна Македонија треба да инвестира 6,4 милијарди долари во наредните декади за успешно да се заштити од климатските промени, што претставува по околу еден процент од БДП годишно се до 2050 година.
-Со поддршка на овој проект раководен од Еко-свест, Шведска сака да ги поддржи македонските напори за иднината, за иднина во која активните граѓани работат во рамки на својата заедница заедно со локалните самоуправи за да ги заштитат животите и животната средина и да обезбедат намалување на ризиците од влијанието на климатските промени преку колективна акција, наведе претставничката на Амбасадата на Шведска.
Во рамки на повеќегодишниот проект во наредниот период планирани се студиски посети во Шевдска од страна на претставници на општините за запознавање со активностите на ниво на локални самоуправи во справување со климатските промени. вг/ац/
Фото: МИА