• сабота, 21 декември 2024

Промовирана четиријазичната стихозбирка „Македонски погледи“

Промовирана четиријазичната стихозбирка „Македонски погледи“

Скопје, 22 јуни 2023 (МИА) - Во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар беше промовирана четиријазичната стихозбирка „Македонски погледи / Sguardi macedoni / Miradas macedonias / Macedonian glances“ од авторите Ернесто Ередеро дел Кампо и Марио Де Роза во издание на „ПНВ Публикации“, Скопје.

„Македонски погледи“ претставува поетско патување на двајца дипломати и пријатели. Станува збор за четиријазично издание, односно триесетина песни од двајцата автори се запишани на нивниот мајчин јазик, преведени на јазикот на другиот, како и на англиски и на македонски јазик, а покрај песните, во книгата се поместени неколку фотографии од фотографката Маја Краљевска.

Македонскиот дипломат Пајо Авировиќ во предговорот кон книгата ќе напише: „И дипломатот и поетот ги притиска нешто во градите. А ако се тоа гради на една иста личност, тогаш веројатно притиска потешко.“

Ернесто Ередеро дел Кампо (Ваљадолид, 1977) е неуморен духовен трагач, дипломат по професија, филозоф по образование и уметник по вокација. Како филозоф, неговите главни теми на проучување биле скептицизмот и делата на Емил Чоран и на Лудвиг Витгенштајн. Како дипломат, тој ѝ служел на Шпанија во голем број земји. Последната, Северна Македонија. Соработува како предавач со Филозофското друштво на Македонија, а ова е негова втора стихозбирка објавена на македонски јазик.

Марио Де Роза (1991) е италијански писател и поет. Тој е дипломат и моментално заменик-шеф на мисијата на Италијанската амбасада во Северна Македонија, докторирал административно право и соработува со неколку универзитети. Покрај дела од правната област, има објавено и четири стихозбирки со наслов „И, конечно врне...“ (Бастоги, 2008), „Линии и граници“ (Монтедит, 2010), „Херои без ровови“ (Тигулиана, 2017), „Светулки и комарци“ (2020, последната заедно со уметникот и поет Алдо Терминиело), добивајќи награди на национални и меѓународни литературни конкурси. Неговите стихови се движат од класична метричка поезија до слободен стих, опфаќајќи мноштво теми коишто го наведуваат да ги истражува големите прашања на човековото постоење, како што се причините за љубовта и животот, врските и пријателството меѓу луѓето и со Бога, како и општествената динамика на нашето време. бак/

Остани поврзан