Промовирана програмата Green & Growth за Битола и Кичевo
- Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во партнерство со Фондот за чиста технологија ја промовираа програмата Green & Growth во Битола и Кичево, која е креирана да го поттикне зелениот раст на регионалните економии во југо-западниот регион на земјата и Пелагонија.
Скопје, 18 септември 2025 (МИА) - Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во партнерство со Фондот за чиста технологија ја промовираа програмата Green & Growth во Битола и Кичево, која е креирана да го поттикне зелениот раст на регионалните економии во југо-западниот регион на земјата и Пелагонија.
Овој нов финансиски производ, кој за првпат е креиран за одделни региони, има за цел да промовира инвестиции и да го зајакне капацитетот на малите и средни претпријатија и корпоративниот сектор во процесот на зелената трансформација.
Програмата Green & Growth ги комбинира финансирањето преку кредитни линии кои се достапни од ЕБОР преку банките учеснички НЛБ банка и Шпаркасе банка, овозможува инвестициска поддршка во форма на грант во износ од 10 до 15 проценти од искористеното финансирање, нуди бесплатна техничка помош за финансиските институции и финалните корисници кои што се поддржани од Фондот за чиста технологија, и советодавни услуги за малите бизниси.
Според Наум Рибароски, помошник директор, овој финансиски производ е дел од пошироката Програма за праведна енергетска транзиција која има за цел да и помогне на земјата да ги надмине состојбите на претстојното затворање на централите кои работат на јаглен.
-Преку Програмата Green & Growth, финансирањето во форма на наменски кредити ќе биде обезбедено на локалните компании од сите големини во Пелагонија и југозападниот регион, кои се најмногу погодени од ефектите на декарбонизација во земјата, посочи Рибароски.
Програмата Green & Growth е чекор напред кон постигнување на целите за декарбонизација на Македонија и праведна транзиција, се нагласува во соопштението за јавност и потсетува дека по приклучувањето на Македонија кон ЕБОР во 1993 година, Банката има инвестирано над 3 милијарди евра во 205 проекти во земјата, вклучувајќи 151 милиони евра во 13 проекти во 2024 година.мт/вј/
Фото: ЕБОР