• петок, 05 декември 2025

Промовирана новата стихозбирка „Вообразби“ од Бранко Цветкоски

Промовирана новата стихозбирка „Вообразби“ од Бранко Цветкоски

Скопје, 29 октомври 2025 (МИА) - Во Салон 19:19 вечерва се одржа свечената промоција на најновата поетска стихозбирка „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од истакнатиот македонски поет, критичар и есеист, Бранко Цветкоски.

Говорејќи за поетската длабочина на Цветкоски, проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска, истакна дека Цветкоски преку песните ја артикулира есенцијата на поетскиот порив и дилемите на еден поет пред копнежот за големата песна.

-Со стиховите од „Вообразби“ поетот живее и во обликот земен и во обликот небесен, а во неговите очи, ненаситни се крие, сиот универзум, рече таа.

Епископот Дремвитски Давид (Нинов), во својата беседа ја истакна духовната вредност на стихозбирката, нарекувајќи ја противотров за празнината на постоењето. 

-Со неговата поезија, тој не го спушта читателот на рамништето на говорот на пазарот, туку, напротив, го воздигнува до височините на неговиот лирски занес со цел да ги разбуди заспаните гносеолошки органи и на тој начин да го доведе до познание на нештата, посочи тој.

Дополни дека спевот на Бранко Цветкоски е згуснат, јадровит, херметичен и, како што рече, токму во таа сосредоточеност се состои посланието на поетот.

-Неговото творештво покажува дека поезијата не е секојдневие. Таа почнува со одрекување на секојдневието што воопшто не значи бегство од стварноста туку го означува одбегнувањето на прозаичноста на постоењето. Секојдневието треба да помине низ поезијата, за да постане стварност, дополни епископот.

Пред присутната публика се обрати и авторот Бранко Цветкоски, кој откри дел од личната творечка состојба што ја придружувала работата на оваа збирка. 

-Песните од оваа збирка две години ме држеа во творечка замаеност, во спонтана и искрена креативна процесија. Стиховите кои ги чувате оваа вечер не се само вообразби за овој и оној свет, туку тие се оставнина со која нашиот македонски јазик свечено го исполнува својот наднационален долг преку индивидуален поетски идентитет. Уметноста е вообразба, божествен привид до кој смртта никогаш не се приближува, рече Цветкоски.

Музичкиот дел на вечерта го збогати пијанистката Јанинка Невчева, а стихови од книгата интерпретираше актерот Борче Начев.

Новото поетско дело донесува седумдесетина песни, подредени во четири тематски раздели „Наслов за залезот“, „Седенка во иднината“, „Неизустените зборови“ и „Привиди. Ронки. Роморења“.

Настанот беше дел од одбележувањето на 25-годишнината од основањето на издавачката куќа „Макавеј“. ар/ац/

Фото:МИА

Остани поврзан