• понеделник, 23 декември 2024

Промовирана монографијата „70 години Тениска федерација на Македонија“

Промовирана монографијата „70 години Тениска федерација на Македонија“

Скопје, 26 декември 2023 (МИА) - Со промоцијата на монографијата „70 години Тениска федерација на Македонија“ денес беше заокружена годината со која се одбележува јубилејот на тенисот во нашата земја.

Името (сојуз, федерација, асоцијација) се менуваше врз основа на правните акти во државата. На свечената прослава присуствуваа многу поранешни македонски тенисери кои оставиле белег во овој спорт, како играчи, тренери, селектори, претседатели.

На присутните гости им се обратија претседателот на Тениската федерација на Северна Македонија Александар Ивановски, македонската тениска легенда Јован Спасеновски – Џагула, Славчо Ночев, поранешен претседател на Тенискиот сојуз на Македонија и селектор на Дејвис куп репрезентацијата, Лина Ѓорческа најсупешната македонска тенисерка со повеќе од 100 одиграни финални мечеви на турнирите, Зоран Шевченко член на првиот тим на македонската Дејвис куп репрезентација, како и Горан Шевченко како спортски директор на федерацијата.

Автор на Монографијата е спортскиот новинар Марјан Ников, кој во своето излагање напомена дека 1953 година е една од најплодните. Тогаш е формиран одделен Сојуз за тенис на НРМ, потпишано од Боро Чакар, еден првите имиња во тенисот во повоена Македонија.

Монографијата има седум делови: Историјат на тенисот во Македонија; Македонија во Дејвис купот и Фед / БЏК купот; македонски тенисери и тенисерки со турнирски победи; Macedonian open – прв во низата меѓународни турнири, Македонска тениска федерација и македонскиот тенис низ бројки. зс/

Остани поврзан