Промовирана монографијата „Магични македонски знаменитости“
- -Станува збор за двојазично луксузно издание, внимателно подготвено за да ја прикаже Македонија во нејзината целосна убавина: од археолошките локалитети кои го чуваат духот на древните цивилизации, до националните паркови кои ја одразуваат хармонијата на природата. Но и многу повеќе од тоа, таа раскажува за урбаните туристички дестинации што ги имаме кои пулсираат со современ ритам, за духовните светилишта, за музеите што го поврзуваат минатото со сегашноста, за винариите кои раскажуваат приказни во секоја капка вино, и за спортските и рекреативните дестинации што ја претставуваат Македонија како место за активен, здрав и автентичен туризам. Секоја страница од оваа монографија е покана и за сите нас, граѓаните, повторно да се вљубиме во сопствената земја, но и за сите оние што допрва ќе ја посетат Македонија, да ја почувствуваат нејзината магија, нејзините вкусови и мириси, истакна Љутков.
Скопје, 26 септември 2025 (МИА) - Монографија насловена „Magical Macedonian Sights" (Магични македонски знаменитости), објавена со поддршка на Министерството за култура и туризам, беше промовирана денеска во издание на „Трето уво“. Опфаќа осум поглавја: Национални паркови; Природни убавини; Главни урбани дестинации; Религиски објекти; Археолошки зони; Музеи; Винарии и Спорт и рекреација.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков на промоцијата рече дека монографија за државата се појавува по подолг период и дека таа „не е само визуелна разгледница, туку е сведоштво за едно културно патување низ богатствата на Македонија - природни, историски, духовни...“
-Станува збор за двојазично луксузно издание, внимателно подготвено за да ја прикаже Македонија во нејзината целосна убавина: од археолошките локалитети кои го чуваат духот на древните цивилизации, до националните паркови кои ја одразуваат хармонијата на природата. Но и многу повеќе од тоа, таа раскажува за урбаните туристички дестинации што ги имаме кои пулсираат со современ ритам, за духовните светилишта, за музеите што го поврзуваат минатото со сегашноста, за винариите кои раскажуваат приказни во секоја капка вино, и за спортските и рекреативните дестинации што ја претставуваат Македонија како место за активен, здрав и автентичен туризам. Секоја страница од оваа монографија е покана и за сите нас, граѓаните, повторно да се вљубиме во сопствената земја, но и за сите оние што допрва ќе ја посетат Македонија, да ја почувствуваат нејзината магија, нејзините вкусови и мириси, истакна Љутков.
Како што рече, фузирањето на двата важни ресори – култура и туризам во едно министерство, е „точно поради значењето на културниот туризам во Македонија“.

Иво Јанкоски, сопственикот на „Трето уво“, издавач на монографијата, кажа дека изданието „не е само збир на текстови и фотографии, туку е патување низ времето, прозорец кон историјата, културата и природните убавини на оваа земја“.
-Авторите и креаторите на ова дело навистина се потрудија да ја претстават Македонија во нејзиното вистинско светло, не само како географска дестинација, туку како емоција, како доживување, како љубов која треба да се сподели со целиот свет. Таа ќе нè потсети колку е скапоцена нашата Македонија, ќе нè инспирира да ја зачуваме и да ја предадеме на генерациите по нас зачувана и чиста. Секоја нејзина страница и фотографија се дел од еден голем мозаик. Оваа монографија нема претензија да глорифицира, ниту да мистифицира, ниту да преувеличува факти за Македонија, бидејќи нема потреба. Македонија е земја на древни цивилизации, извонредна природа, непроценливо културно наследство, каде што историјата и убавината се прегрнати во едно, истакна Јанкоски.
Додаде дека „Трето уво“ е, пред сè, позната по музичката продукција, но во изминатите 20-ина години работи и на проект посветен на Македонија со повеќе изданија од кои првото објавено во 2006 година – „Amazing Macedonia“ тогаш било промовирано и на Саемот на книга во Франкфурт.
Како што рече, ова е значаен момент и за македонското издаваштво затоа што „ваква сеопфатна и луксузна монографија за Македонија се појавува по пауза од повеќе од десет години“. хс/вј/
Фото: МИА