• среда, 17 јули 2024

Промовирана книгата „Времето на Конески“ од проф. д-р Димитар Пандев

Промовирана книгата „Времето на Конески“ од проф. д-р Димитар Пандев
Скопје, 7 април 2022 (МИА) - Димитар Пандев е еден од поголемите проучувачи на Конески кој и со оваа книга се пројавува и уште подобро се потврдува како негов исклучителен познавач и проследувач на неговите лик и дело, истакна проф. Бобан Карапејовски на промоцијата на книгата „Времето на Конески“ од проф. д-р Димитар Пандев која се одржа денеска во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Карапејовски истакна дека за авторот на оваа книга може да се каже дека е и продолжувач на делото на патронот на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој посочи дека поврзувањето на интимниот и професионалниот простор на Конески се споменува и во оваа книга, што ја прави дел од трилогија од Пандев заедно со делата „Окружието на Конески“ и „Слова и согледби за Блаже Конески“. Осврнувајќи се на книгата „Времето на Конески“, Карапејовски истакна дека таа започнува со пресликување на временскиот сегмент кога македонскиот јазик од домашен, односно регионален, станува литературен. Од вториот дел од книгата, Карапејовски ги истакна трите преокупации заеднички означени со цитатот на Конески „Наша е иднината, наше станува и минатото“, а во третиот дел, како што рече,  авторот е насочен на времето на лингвистиката и политиката, со дијалектолошкиот осврт на Конески. Четвртиот дел е посветен на творечките патешествија на Конески, кои ги остварувал пред се како претседател на Друштвото на поети во Југославија. И петтиот дел, односно последниот, кој како што истакна Карапејовски, се заокружува со прилогот на Пандев наречен „Успешната приказна на Конески“ која е персонификација на „Успешната приказна за македонскиот јазик“. -Оваа книга е всушност лингвистички, поетски, поетички, односно културен зафат на втората половина на дваесеттиот век на македонската почва, чиј главен предводник е Блаже Конески, истакна Карапејовски. Професорот Пандев, на промоцијата ја најави и својата наредна,  четврта по ред книга посветена на Блаже Конески.сан/лв/

Остани поврзан