• понеделник, 23 декември 2024

Пролетната сеидба во Дебарско реализирана околу 15 отсто

Пролетната сеидба во Дебарско реализирана околу 15 отсто

Дебар, 1 април 2024 (МИА) – Пролетните сеидбени работи на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа се одвиваат непречено и досега истите се реализирани на над 15 отсто од планираните површини.

Од дебарската подрачна единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, под чија надлежност се двете општини, со пролетни култури ќе бидат опфатени 150 хектари.

- Од планираните површини најголем процент отпаѓа на житните култури или 38 хектари, од нив 25 ха со пченка, која како што се знае се засејува на почетокот на мај, потоа 10 со пролетен јачмен и три хектара со овес. Што се однесува до пролетниот јачмен и овесот сеидбата веќе е завршена, изјави за МИА, Арбен Муладаути, раководител на единицата.

Според него, на останатите планирани површини ќе се најдат фуражните култури на 60 ха, градинарските на 51 и на еден хектар индустриски култури, поточно сончогледот.

– Кај градинарските култури на најголема површина или на 20 хектари се најде бостанот, на 10 ха зелка и кељ, 7 хектари грав, 4 компир а на останатите, други култури. Со фуражни култури ќе бидат засеани 60 хектари, од нив 50 со познатата по квалитет дебарска луцерка, 5 со фуражна пченка и исто толку со други фуражни култури, додаде Младаути.

Години на ред, поради масовната миграција, но, како што оценуваат повозрасните земјоделци и незаинтересираноста на младите да се занимаваат со земјоделие, се намалува процентот на обработените површини. Колку за споредба, во 2017 година со пролетна сеидба биле опфатени 300 хектари, во 2021 година 227, следната 161 и годинава 150 хектари. вт/ир

Фото: МИА

Остани поврзан