Пролетен турнир „Езерска кралица“ в недела во Струга
- Над 80 млади шахисти од земјава и странство ќе учествуваат на третото издание на пролетниот турнир на младинскиот шаховски фестивал „Езерска кралица 2025“, што в недела ќе се одржи во Струга.
Струга, 15 мај 2025 (МИА) - Над 80 млади шахисти од земјава и странство ќе учествуваат на третото издание на пролетниот турнир на младинскиот шаховски фестивал „Езерска кралица 2025“, што в недела ќе се одржи во Струга.
Натпреварувачите, како што информира за МИА, директорот на турнирот Ѓоко Котески, ќе бидат поделени во четири категорни групи, од 8, 10, 12 и 16 години. Предвидено, како што посочи, е да се игра по Швајцарски систем од 6. кола со темпо на игра 10+5. Момчињата и девојчињата да играат заедно, а наградите за освоени места ќе се даваат пооделно.
- Освен најдобрите младинци од Македонија на Пролетниот турнир свое учество пријавија и Националните младински шампиони од Албанија, што го прави овој турнир доста посилен и поквалитетен, изјави Котески.
За оваа година, додаде, планирани се неколку турнири во рамките на фестивалот „Езерска кралица“, а со овој што ќе се одржи в недела ќе биде означен почетокот на турнирите за оваа година.
- Се гордеам што турнирите „Езерска кралица“ станаа препознатливи во регионот и пошироко. Тоа се должи на нашата посветеност и професионалност, истакна директорот.
Очекува квалитетни партии, децата да се дружат, да се забавуваат и се да помине во најдобар ред. сс/дма/
Фото: Плакат