Проекција на филмови и разговор со авторката Меријам Тафакори
- Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) вечер од 20 часот во Музејот на современа уметност организира проекција на четири кратки филмови од Меријам Тафакори, наградувана иранско-британска уметница и филмска авторка.

Скопје, 28 март 2025 (МИА) - Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) вечер од 20 часот во Музејот на современа уметност организира проекција на четири кратки филмови од Меријам Тафакори, наградувана иранско-британска уметница и филмска авторка.
Ќе бидат прикажани филмовите: „Irani Bag“ (2021), „Nazarbazi“ (2022), „Code Names“ (2022) и „Mast-del“ (2023), а по проекцијата ќе следува онлајн-разговор со Тафакори. Модератори на разговорот ќе бидат Ивана Мирчевска и Ѓорги Пулевски.
ФФФ соопшти дека делата на Тафакори се одликуваат со длабока филозофска релевантност и иновативен пристап кон филмскиот јазик.
-Меријам Тафакори е визуелна уметница и филмска режисерка родена во Иран, чии дела комбинираат поезија, архивски материјали и рефлексивна документаристика. Таа користи филмски колаж, поезија и архивски звук и слики, создавајќи динамичен дијалог околу теми како што се меморијата, идентитетот, моќта, интимноста и отпорот. Нејзините филмови поттикнуваат критичка рефлексија и дијалог, истовремено промовирајќи го филмот како медиум за филозофско размислување, соопшти организаторот на проекцијата која е поддржана од Британскиот совет. хс/мд/
Фото: МИА архива