• понеделник, 23 декември 2024

Проекции на филмови и концерт со филмска музика во Битола

Проекции на филмови и концерт со филмска музика во Битола
Скопје, 20 август 2021 (МИА) - Од денеска во Битола почнува тридневната проекција на македонски филмови - дел од културната манифестација „Филмска култура“ што се организира по повод 30-годишнината од независноста на државата.  Филмските проекции ќе се одржат на отворено, на просторот пред Центарот за култура - Битола. Проекции ќе има до недела, а влезот е бесплатен. Во рамки на програмата предвидени се проекции на краткометражните филмови: „Љубовникот“ (2018), „Види ја ти неа“ (2017), „Црвената соба“ (2016); долгометражните филмови: „Три дена во септември“ (2015), „Хомо“ (2021) и документарните филмови: „Камена градина“ (2018) и „Кобра“ (2018). Денеска и во недела програмата започнува од 20.30 часот, додека в сабота е со почеток од 20 часот. Предвиден е и концерт „Филмот може да се слуша“, кој посетителите ќе може да го проследат в сабота, со почеток од 21 часот на Широк Сокак (пред влезот на маркет „Веро“). Манифестација „Филмска култура“ има за цел отсликување на филмската култура во земјава од осамостојувањето до денеска, односно патот до европски успех, oд „Тетовирање“ (1991) до „Хомо“ (2021). Македонската независна филмска индустрија од година во година бележи развој и повеќе постигнувања. Минатата 2020 година македонските филмови имаат 222 учества на меѓународни фестивали и освоиле 59 награди. Иако само дел, овие статистики се показател на посветеноста и професионалноста на нашите независни продукции, потенцијалот на филмските екипи, креативноста на авторите, како и актерскиот капацитет и сите оние кои придонесуваат за да се произведе едно филмско дело. Во оваа насока, поддршката од Агенцијата за филм и од буџетот кон оваа дејност е значајна инвестиција во севкупниот културолошки и политички напредок на државата, која е исплатлива во долгорочна смисла и континуирано создавање на културното наследство за идните генерации. -Филмската дејност кај нас низ годините претрпе многу технички, креативни и естетски промени. Денес, на пример, големо е задоволството што во филмот сè повеќе својот авторски печат го градат жени режисерки и продуцентки. Со ова се нивелира доминантноста на мажите во филмската индустрија од минатото, што е особено значајно за градење на рамноправноста и демократскиот европски дух на нашата земја, истовремено давајќи нов сензибилитет на филмската уметност, изјавија организаторите. Културната манифестација „Филмска култура“ е во организација на „Црна мачка продукција“ и е поддржана од Владата. Сите активности предвидени во рамки на манифестацијата ќе бидат организирани согласно сите пропишани протоколи за заштита на јавното здравје од Ковид-19. мд/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан