• недела, 22 декември 2024

Проекции на „Како се мери годината?“ и „Целулоидно подземје“ на отворањето на „МакеДокс“

Проекции на „Како се мери годината?“ и „Целулоидно подземје“ на отворањето на „МакеДокс“

Скопје, 14 август 2024 (МИА) - Со проекција на краткиот документарен филм „Како се мери годината?“ на Џеј Розенблат и долгометражниот „Целулоидно подземје“ на иранскиот автор Ехсан Кошбахт, утре почнува 15-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Од „МакеДокс“ информираат дека во тек се последните подготовки во објектот Куршумли ан во Старата скопска чаршија за нивното јубилејно издание.

Фестивалот ќе се одржува до 22 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и новиот простор „Лабораториум“ во Скопје.

Како што соопштија од „МакеДокс“, филмот „Како се мери годината?“ го следи континуитетот во комуникацијата меѓу татко и ќерка. Режисерот Џеј Розенблат седумнаесет години по ред ја снимал ќерка си Ела на нејзиниот роденден, прашувајќи ја истите прашања. Во само 29 минути гледаме како едно девојче расте од заодуваче во млада жена со сите убави, а понекогаш и непријатни периоди помеѓу, додека врската со татко ѝ се развива со сите свои сложености.

Првиот долгометражен филм што ќе се прикаже на Фестивалот е „Целулоидно подземје“.

-По завршувањето на Иранската револуција, настојчив филмски колекционер во Техеран станува нетипичен херој кога храбро решава да спаси илјадници филмови од канџите на новиот исламски режим. Иако е извесно дека го чекаат апсење и мачење, тој одлучно ја чува својата скапоцена тајна – приказната за отпорот и опсесијата, видена низ очите на момчето што му го чува грбот. Приказната се отплеткува на филмското платно години подоцна, откако ќе заминат во егзил во Лондон, сликајќи возбудлив портрет на постреволуционерен Иран, велат од фестивалот за филмот „Целулоидно подземје“.

По филмските проекции, во рамки на музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ на 15 август во Куршумли ан концерт ќе одржи Зарина Првасевда, вокален изведувач и музичар кој изведува и македонска и светска традиционална музика. Првата вечер на 15. „МакеДокс“ ќе заврши со диџеј-сет на Ишјан твин.

Јубилејното 15-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи со мото „Копање емоции низ времето“. Тематскиот фокус годинава е ставен на кинотечните архиви од повеќе држави. Ќе бидат прикажани филмови од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на Југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив, Романскиот национален филмски архив и Кинотеката на Северна Македонија. Програмата ќе биде отворена на 16 август, во 21 часот, во Куршумли ан со проекција на филмови од архивата на македонската Кинотека.

- Бројните филмски наслови што годинава ги донесуваме од сите кинотеки на Балканот се доказ дека имаме од што да учиме, ако сакаме. И дека само ако го чуваме сето она што е запишано и меморирано, ќе можеме одново да го читаме и толкуваме и да го користиме во нови приказни. Архивите се тука и за да ни ги доотворат очите, да ни ја доближат и другата страна од приказната, па и третата и да нè соочат со нашите сопствени убедувања. Без архивите тешко дека ќе можеме да разбереме зошто светот е ваков каков што е или, пак, да го преиспитаме нашето место во него како социјални, политички и романтични души, изјави Дарко Набаков, извршен директор на Фестивалот.

Во рамки на тематската одредница на Фестивалот во сегментот „МакеДокс+“ ќе се одржи работилница за архивски практики во филмот со наслов „Замислување архиви“. Работилницата ќе се одржи од 15 до 19 август во студиото „Фх3х“ со менторите Кумјана Новакова, режисерка чиешто авторство се базира врз истражување, а работи и како филмска кураторка и предавачка, и Влад Петри, романски филмски режисер со голем интерес за политички и општествени теми.

Како што најавија од Фестивалот, работилницата ќе спои четири внимателно избрани режисер(к)и или тимови (режисер(к)и и монтажер(к)и). Во фокус е идентификувањето различни стратегии и можности за визуелно конципирање на архивите, со што се проширува креативниот опсег при снимањето филм. Преку ова интензивно заедничко искуство учесниците ќе имаат можност да се приближат до суштината на секој филмски проект, дискутирајќи за различните потенцијални пристапи за секој филм во кој се користат архивски материјали.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ - Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.

Петнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РСМ, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура на РСМ, Институтот „Јунус Емре“ - Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Франција, Францускиот институт, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“.

Медиумски покровители на „МакеДокс“ се МТВ - Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа и Култура Бета.бт/лв/

Фото: „МакеДокс“

Остани поврзан