• петок, 22 ноември 2024

Продолжува спасувачката акција на грчката крајбрежна служба по двата бродоломи кај Самос и Евија- над 60 исчезнати

Продолжува спасувачката акција на грчката крајбрежна служба по двата бродоломи кај Самос и Евија- над 60 исчезнати
Атина, 2 ноември 2022 (МИА) – Спасувачката акција на крајбрежната служба на Грција продолжува и денеска во близина на грчките острови Самос и Евија за пронаоѓање на околу 63 исчезнати лица по двете одделни несреќи што се случија вчера и завчера, а спасени се вкупно 15 лица и извлечени се безживотните тела на двајца мажи, јави дописничката на МИА од Атина. Во морскиот дел југоисточно од грчкиот остров Евија, вчера потона едрилица со мигранти, досега се спасени вкупно 11 лица, утрово беше пронајдено безживотното тело на еден маж, а според спасените на едрилицата имало 68 мигранти, што значи дека 56 се исчезнати. Ова беше втора несреќа во Грција за помалку од 24 часа, откако во понеделникот се преврте чамец со 12 лица во близина на островот Самос, каде што се спасени четворица мигранти, вчера беше откриено безживотното тело на еден маж и преземено од турската крајбрежна служба, а седум се исчезнати. Во спасувачката акција што во морскиот дел во близина на Самос, вчера, од крајбрежната служба на Грција соопштија дека турски патролен брод со опасни маневри се обидел да оштети грчки патролен брод кој учествува во потрагата. За конкретниот случај, но и за двата бродолома, министерот за поморство на Грција Јанис Плакиотакис упати критики до Турција дека не ги запира криумчарите, но и дека провоцира. -Во рок од 24 часа, од една страна, Турција продолжува да им дозволува на мрежите на бескрупулозните криумчари да ги испратат луѓето во смрт, а Грција спасува колку што е можно повеќе лица, а од друга страна, брод на турската крајбрежна служба да провоцира, навлезен во грчките територијални води, посакувајќи можеби да предизвика инцидент. Службениците на крајбрежната стража реагираа смирено и решително. Грција ќе продолжи да спасува животи, без да биде вовлечена во игрите кон кои Турција се стреми во Егејското Море, изјави Плакиотакис. Портпаролот на крајбрежната служба на Грција Никос Кокалас за грчкото државно радио утрово рече дека и во двата случаи со потонатите чамци, ниту еден од спасените мигрнати не носел опрема за спасување, а веројатно е дека и двата чамци кои тргнале од турското крајбрежје, немале никаква опрема за спасување. ср/паг/ Фото: Крајбрежна служба на Грција

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан