Продолжува реконструкцијата на улица „Моша Пијаде“ во Куманово
- Заврши санацијата на дупките на една од најстарите улици во Куманово, „Моша Пијаде“, но наскоро ќе продолжи нова фаза на реконструкција, информираа денеска надлежните од Општина Куманово.
Куманово, 5 август 2025 (МИА) - Заврши санацијата на дупките на една од најстарите улици во Куманово, „Моша Пијаде“, но наскоро ќе продолжи нова фаза на реконструкција, информираа денеска надлежните од Општина Куманово.
Наскоро, како што изјави кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски ќе почне реконструкција на атмосферската канализација, а потоа ќе следи целосна реконструкција на улицата. Во изјава до медиумите, тој се извини на граѓаните за моменталните потешкотии во сообраќајот.
– Жал ми е за сите реакции, но секогаш е така кога се работи во централното градско подрачје. Нашиот рок со изведувачот е предвиден на 100 дена и во моментов се изведуваат завршни работи, односно крпење на улицата, изјави Димитриевски.
Рокот за реализација ќе се знае наскоро, откако општината и Светска банка ќе се договорат за изведувањето на градежните активности.
– Општината и инвеститорот ќе направат проценка за најсоодветниот период за реализација. Граѓаните ќе бидат навремено информирани за динамиката на наредните фази, изјави градоначалникот.

Димитриевски информираше дека одредени технички забелешки биле веќе доставени до изведувачот на теренот и оти очекува да бидат навремено санирани.
– Имавме неколку состаноци со изведувачот на кои ги посочивме техничките недостатоци. Очекувам тие веќе да се отстранети, а потврдата ќе ја дадат надлежните општински служби. Во надзорот се вклучени и претставници од ЈП „Водовод“ и техничкиот надзор, кој има целосна законска одговорност за реализацијата, рече Димитриевски.
Првичната фаза, како што најави, треба да биде завршена во најкус можен рок, по што ќе се пристапи кон планирањето и реализацијата на следните интервенции.
Средствата за реконструкција се обезбедени преку Светска банка, дел финансира и Општина Куманово.
Општината претходно организираше две јавни дебати и презентации на проектот, на кои присуствуваа и граѓани и дуќанџии на една од најстарите улици во Куманово.
-Проектот вклучува реконструкција на фекална и водоводна мрежа на дел од улицата од почетокот се до крстосницата со „Пиринска Македонија“, околу 490 метри. Средствата за уредување на подземната инфраструктура се обезбедени од буџетот на општина Куманово, за атмосферска канализација која ќе се спроведува во два дела, изградба и реконструкција на постоечката долж целата улица, 1.400 метри. Овие средствата се обезбедени од Светска банка, како и за реконструкцијата на асфалтот низ целата улица од почетокот до крај, подземна канализација за електрична мрежа и инсталација за оператори од национално и локално ниво. По завршување на проектот веќе нема да има кабли по бандерите. Предвидено е и осветлување со штедливи светилки, ќе се уредуваат крошните и корените од дрвјата. Предвидено е уредување на паркинг места и пешачка зона, поставување на седум сета полуподземни контејнери, информираа претходно од одделението за меѓународна соработка и евроинтеграции.
При изработката на техничката документација биле вклучени скоро сите јавни претпријатија од Куманово, оператори и други фирми. Тендерот го објавува Министерството за транспорт, а краен корисник е општината. Улицата не е реконструирана шеесет години. ам/мд/
Фото: МИА