Продолжува бесплатниот превоз за студентите, Владата одлучи да му префрли 120 милиони денари на ЈСП-Скопје
- Бесплатениот автобуски превоз за студентите во Скопје ќе продолжи и во 2025 година, откако Владата денеска на седница одлучи да му префрли 120 милиони денари на Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП – Скопје обезбедени со релоцирање од буџетот на Министерството за образование и наука.
Скопје, 31 декември 2024 (МИА) - Бесплатениот автобуски превоз за студентите во Скопје ќе продолжи и во 2025 година, откако Владата денеска на седница одлучи да му префрли 120 милиони денари на Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП – Скопје обезбедени со релоцирање од буџетот на Министерството за образование и наука.
- Претходната Влада три години не обезбедуваше средства за оваа намена и немаше донесено ваква одлука. Оттука и недовербата која студентите ја имаа кон извршната власт. Ги уверувам треба да бидат спокојни затоа што новата Влада ги исполнува ветувањата и обврските кон граѓаните, а токму оваа наша одлука е потврда за тоа, рече премиерот Христијан Мицкоски, на заедничка прес-конференција во Владата со министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Бесплатниот јавен превоз, како што рече, ќе им овозможи поголема достапност и ќе ги ослободи од финансискиот товар со што ќе може повеќе да се фокусираат на студиите и личниот развој.
Министерката Јаневска се заблагодари на Владата и посочи дека студентите и следната година ќе имаат бесплатен превоз што е особено значајно за нив и е насушна потреба бидејќи во јануари имаат сесија.
Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје претходно испрати апел до Владата и МОН на владина седница да овозможат релоцирање на средства со цел продолжување на бесплатниот превоз за студентите во 2025 година.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на крајот на минатиот месец изјави дека долгот на централните власти кон Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје од јануари идната година ќе изнесува десет милиони евра и оти Советот треба да дискутира дали воопшто ќе има бесплатен превоз.
Како што наведе Државниот завод за ревизија во извештајот што го објави во октомври, МОН две години не ги покривало трошоците за превоз на студентите, Владата не донела одлуки, иако продолжи бесплатниот превоз на студентите од ЈСП. лв/аа/
фото: принт скрин, МИА архива,