Проданоски: Трудот на тутунарите ќе биде валоризиран, вреднуван и ќе имаат гарантиран откуп по реална цена
- СООПШТЕНИЕ - После непосредни консултации со тутунарите, денес сакаме да објавиме дека ја заштитуваме маката и трудот на тутунарите. Нивниот труд ќе биде валоризиран, вреднуван и ќе имаат гарантиран откуп по реална цена.
Скопје, 18 јули 2025
Денес сакам да обзнанам и објавам голема победа на тутунарите, земјоделците и успешната земјоделска политика на Владата.
После непосредни консултации со тутунарите, денес сакаме да објавиме дека ја заштитуваме маката и трудот на тутунарите. Нивниот труд ќе биде валоризиран, вреднуван и ќе имаат гарантиран откуп по реална цена.
Со предложените измени на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи покажуваме дека знаеме, сакаме и умееме да ги решаваме проблемите на тутунарите.
Најголемото и најоправдано барање на тутунопроизводителите – забрана за увоз на необработен тутун во време на откуп – конечно е прифатено и правно се регулира. Од 16 ноември до 28 февруари, додека трае откупот, домашниот тутун добива приоритет. Со ова директно се заштитува трудот на македонскиот тутунопроизводител и се спречува нелојална конкуренција.
Законот носи и ред во секторот:
– Се уредуваат условите за откуп, со јасни критериуми за простории и опрема – нема повеќе импровизации.
– Воведена е строга евиденција преку ИСЕТ системот, каде мора да се внесуваат податоци за секој грам тутун – домашен, увезен, обработен.
– Предвидени се и прецизни казни – за оние кои ќе се обидат да работат без регистрација, без сертификати или ќе го прекршат законот.
Ова се мерки што носат ред, транспарентност и фер пазар. А уште поважно – не создаваат дополнителни обврски или трошоци за фирмите. Напротив, државата обезбедува средства за надзор – 1 милион денари за контрола и мониторинг.
Треба да се истакне и пошироката слика: оваа година имавме одлична откупна цена, навремено започнат откуп, 100 денари субвенции по килограм – сето тоа е резултат на добро менаџирана политика која ја враќа сигурноста на македонските земјоделци.
Со законот:
– Се штити домашното производство
– Се воспоставува ред и сигурност
– Се зголемува довербата во институциите
– Се унапредува професионализацијата на откупот
– И се обезбедува фер натпревар за сите
Ова не е само законска измена – ова е вистински системски чекор за враќање на достоинството на тутунопроизводителот.
ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со вакви решенија – конкретни, одлучни и во корист на народот. Затоа сме тука – да работиме, да исправаме неправди и да создадеме сигурна иднина за секој еден граѓанин!
Интегрален текст од изјава за медиуми – Дејан Проданоски, пратеник од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ
______________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки