• среда, 11 март 2026

Прогласување на добитникот на наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“

Прогласување на добитникот на наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“

Скопје, 11 март 2026 (МИА) - Вториот добитник на книжевната награда за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“, ќе биде прогласен денеска на прес-конференција на која ќе се обратат членовите на жири-комисијата во состав: уредничката и писателка Оливера Ќорвезироска, првиот добитник на наградата во 2025 година - Ермис Лафазановски и професорката по книжевност за деца, Јованка Денкова, информираат од издавачката куќа „Арс Ламина“.

- На вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“, што беше отворен од 11 септември 2025 до 11 јануари, пристигнаа 46 ракописи. Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“. Таа ќе биде врачена на посебен свечен настан.

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на Николова, на 11 март минатата година. Николова почина на 3 ноември 2024 година.

Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитетот на големото авторско име на Оливера Николова преку симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност и да се ревитализира еден од жанровите во кои таа создаваше - романот за деца и млади.бд/вј/

Фото: „Арс Ламина“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан