• понеделник, 23 декември 2024

Пристапните преговори една од темите на средбата на министерот Муртезани со норвешката амбасадорка Мелсом

Пристапните преговори една од темите на средбата на министерот Муртезани со норвешката амбасадорка Мелсом

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Пристапните преговори, Планот за раст на Европската Комисија за Западен Балкан, билатералните односи и случувањата во земјата беа во фокусот на разговорите на денешната средба на министерот за европски прашања Орхан Муртезани со нерезидентната амбасадорка на Кралството на Норвешка во Република Северна Македонија со седиште во Белград, Кристин Мелсом.

Како што информира СЕП, министерот Муртезани изрази благодарност до амбасадорката Мелсом, истакнувајќи дека иако Норвешка не е земја-членка на ЕУ,  таа е важен пријател и поддржувач во спроведувањето на приоритетите и стратешките цели поврзани со интеграцијата на земјата во ЕУ, што се гледа и преку Нордиската поддршка за напредокот на Северна Македонија, проект кофинансиран од Норвешка и Шведска, а имплементиран од УНОПС Скопје.

-Проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“ го поддржува Министерството за европски прашања во одредување и приоретизирање на техничката помош која е потребна за пристапните преговори со ЕУ и во насочување на експертизата во критичните реформски области. Преку овој проект беше дадена значителна поддршка во однос на координативната улога на институцијата во контекст на евроинтеграциите, градење капацитети, надградба на ИТ инфраструктурата и Центарот за обука, превод на законодавството на ЕУ од англиски на македонски јазик и обратно, наведува СЕП.

Додава и дека соговорниците изразија подготвеност за продлабочување на билатералните односи и одржување координации со Норвешката амбасада за ефикасно и добро насочено спроведување на билатералната развојна соработка. мч/дма/

фото: СЕП

Остани поврзан