• понеделник, 23 декември 2024

Прилепскиот тутунски комбинат годинава одбележува 150 години постоење

Прилепскиот тутунски комбинат годинава одбележува 150 години постоење

Прилеп, 4 април 2023 (МИА) - Во прилепскиот тутунски комбинат пригодно се одбележува 4 април, денот на тутунските работници, а Комбинатот годинава одбележува и значаен јубилеј - 150 години постоење.

Комбинатот се вбројува како најстара активна македонска компанија и една од најстарите на Балканот. Формиран е 1873 година со изградбата на првиот магацин за тутун од Отоманската управа на Монополот. Оттогаш до денес, доживеал големи промени, подеми и падови, но успеал да ги помине сите премрежија и да опстои со својата дејност.

До 1955 година примарна дејност била откупот и обработката на висококвалитетен ориенталски тутун, од типовите „прилеп“ и продажба а познати светски компании. Потоа, Комбинатот навлегува во бизнисот на производство на цигари. Во 2014 година прилепскиот тутунски комбинат склучи договор за стратегиско партнерство со „Филип Морис“ и е формирана заедничка компанија „Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп“.

По две децении, како еден од најголемите загубари, прилепскиот Тутунски комбинат првпат покажа позитивни резултати во 2019 година. Со над два милиона евра, Комбинатот ја заврши и ланската, 2022 година.

Во овој период се забрзани подготовките за новата производствена година и склучувањето договори со кооперантите за новата реколта тутун. Тутунопроизводителите продолжуваат со садењето на оваа култура, најзастапена во Прилепско - пелагонискиот регион и очекуваат исплатливоста да остане за да опстане и производството. ем/бд/

Фото:МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан