• петок, 22 ноември 2024

Приведен вработен во Државниот пазарен инспекторат поради примање поткуп

Приведен вработен во Државниот пазарен инспекторат поради примање поткуп

Скопје, 22 ноември 2023 (МИА) - Лишен од слобода е 33-годишниот К.Ѓ. од село Подареш, радовишко, вработен во Државен пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор Струмица со градовите Гевгелија, Валандово и Радовиш, поради сомнение за сторено продолжено кривично дело „примање поткуп“ по член 357, а во врска член 45 од Кривичниот закон, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи.

Тој бил приведен вчера во 12 часот, откако во текот на вчерашниот ден, осомничениот од двајца жители на радовишко примил 3.000 денари, што претходно ги побарал од нив за да не констатира прекршок, согласно Законот за изменување и дополнување на законот за забрана и спречување за вршење на нерегистрирана дејност. Односно, за да не преземе службено дејствие кое бил должен да го изврши. Во моментот кога е лишен од слобода, кај него биле пронајдени парите што ги примил како поткуп.

- Од дополнително преземените мерки и активности, било утврдено дека К.Ѓ. во периодот од јуни до ноември годинава во повеќе наврати од жители на Радовиш и радовишко, примил пари во вкупен износ од 18.000 денари и 150 евра како поткуп. Во еден случај, примил поткуп за да не констатира прекршок по извршен надзор, а во останатите случаи, поткупот го примил со цел да не изврши надзор што бил должен да го изврши, се појаснува во соопштението на МВР.

Лицето било задржано во полициската станица Радовиш и ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица. бд/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан