• четврток, 21 ноември 2024

Претставници од неколку земји се запознаа со биодиверзитетот на Кавадаречко 

Претставници од неколку земји се запознаа со биодиверзитетот на Кавадаречко 

Кавадарци, 9 октомври 2024 (МИА) - Претставници од неколку земји се запознаа со биодиверзитетот на Кавадаречко. Нивен водич беше долгогодишниот екологист, 88-годишниот Томе Лисичанец.

Тој денеска сподели информации за што се интересирале гостите.  - Странците се восхитуваат на тоа што го имаме како биодиверзитет. Им објаснив тоа што го знам за нашиот простор тука во Тиквешијата и пошироко за територијата на целата држава. Ги однесов и на хранилиштето за големи птици што го имаме, им појаснив за животот во природата, промената на видовите, заемниот однос на сите чинители во синџирот на исхрана и групирањето на живиот свет со цел сите да си помагаат бидејќи сите зависат еден од друг, климатските промени. Имаа можност да разгледаат од набљудувачката станица, појасни Лисичанец. 

„Биодиверзитетот е нашата иднина“ е насловен меѓународниот проект во кој учествува и Кавадарци. Го спроведуваат училишта од Португалија, Канарските острови (Шпанија), Француска Гвинеја и Естонија, заедно со Советот за превентива против малолетничка деликвенција – СППМД од Кавадарци. Има за цел креирање на иновативно практични наставни материјали, лесно приспособливи за формално и неформално учење, како и да ја воведе и зајакне европската димензија и идните перспективи за соработка помеѓу партнерите. 

Неколку дена, 16 директори и професори ќе работат на идентификување на најдобрите практики, на создавање курсеви за применета екологија на отворено, што ќе можат да ги користат наставниците и другите образовни групи, како и на запознавање со различните биодиверзитети и култури на секоја од земјите партнери, преку активности на отворено и посети на различни локации. свд/мд/


Фото: МИА 

Остани поврзан