• сабота, 07 декември 2024

Претставник на Државниот инспекторат за животна средина изврши увид на место на угинатите риби во реката Брегалница во Делчево

Претставник на Државниот инспекторат за животна средина изврши увид на место на угинатите риби во реката Брегалница во Делчево
Делчево, 23 јули 2022 (МИА) - По претходна реакција на спортски риболовци и граѓани за помор на риби во река Брегалница во Делчево, а по иницијатива на пратеничката Соња Михаиловска, претставник на Државниот инспекторат за животна средина денеска го посети местото каде беа пронајдени угинатите риби и притоа изврши увид во работата на делчевската млекара, која риболовците ја посочиле како причинител за загадувањето на водата во реката. -Првично многу е далеку млекарата и денес во моментот кога јас пристигнав млекарата не работеше. Имаше испуштање црвеникава вода од испустот. Со денешниот вонреден инспекциски надзор „Млечна индустрија ДООЕЛ“ подружница Делчево, Скопје, доби решение за вонредно мерење во рок од пет дена преку друга акредитирана лабораторија. Целта е да се утврди дали испуштањето на отпадни води е од делчевската млекара и дали ги надминува граничните вредности преку земање примероци од водата каде се угинати рибите, рече претставникот на Државниот инспекторат за животна средина Благоја Игновски. Државниот инспектор додаде дека претходно до посочениот субјект е доставено решение за да поднесе барање за добивање на дозвола за испуштање на води. -Тие дозволи ги издава Секторот за води, Управа за животна средина при Министерството. Претходно немаа таква дозвола. понатамошните мерења да напоменам дека ќе се вршат во присуствво на локален и државен инспектор. Мостри ќе се земат и кај местото во близина на базентот каде се пронајдени угинатите примероци, додаде Игновски. Доколку според инспекторот се покаже дека има загадување, тогаш ќе следуваат соодветни мерки и законски казни. Од млекарницата потврдија дека надлежниот инспектор, денеска извршил увид во комплетното работење на претпријатието, при што според нив не се констатирани пропусти или поврзаност со причините за угинатите риби пронајдени во Брегалница. Бараат надлежните институции да се вклучат и да овозможат увид во работата на сите деловни субјекти, комунални претпријатија како и приватни лица кои ја загадуваат реката со секаков вид ѓубре, особено куќите со испуштање на диви отпадни води во реката. вс/рп/

Остани поврзан