• понеделник, 23 декември 2024

Претставено фестивалското жири на ИФФК „Браќа Манаки“-Битола

Претставено фестивалското жири на ИФФК „Браќа Манаки“-Битола
Битола, 25 август 2022 (МИА) - Кинематограферот Жан Мари Дружу од Франција, претседател на фестивалското жири на ИФФК „Браќа Манаки“, е импресиониран од квалитетот на 43. издание посветено на кинематограферите од светот. На прес - конференција во Битола, заедно со членовите на жирито, Мари Дружу истакна дека им претстои донесување на тешка одлука при изборот на најдобрите кои утревечер ќе ги добијат наградите златна, сребрена и бронзена „Камера 300“. -Прв пат сум во Битола. Многу сум слушал за градот и за фестивалот од многу мои колеги и особено ми е драго што на ова 43. издание на фестивалот, истовремено јас одбележувам 43 години работа како кинематографер и тоа е прекрасно совпаѓање. Импресиониран сум од проекциите и од квалитетот, рече Мари Дружу. Претседателот на жирито истакна дека за изборот на најдобрите ќе одлучуваат низ три критериуми, односно за камерата, дали камерата и служи на приказната на филмот, филмот како целина, односно емотивниот импакт на гледачот. Во прес центарот на ИФФК „Браќа Манаки“ се обратија и Маја Богојевиќ, основачка и главна уредничка на црногорскиот магазин „Камера лусида“и професорка по филмска теорија на Факултетот за уметности во Долна Горица, Карлос Дијас Мунос, претседател на Друштвото на кинематографери во Мексико, Мелиса Созен акерка од Турција, како и Самир Љума е македонскиот претставник во жирито, познат по неговиот креативен придонес во филмот  „Медена земја“, македонскиот кандидат за „Оскар“. -Почестен сум што сум член на жирито заедно со драги колеги кои ги запознав во изминатите денови. Имаме прекрасна соработка. На почетокот се плашев дека во дискусиите околу филмовите може да имаме комплетно различни гледишта, што е нормално, но увидов дека слично размислуваме и мислам дека тоа ќе придонесе за поедноставно донесување на одлуката, иако филмовите се прекрасни, програмата е фантастична и сметам дека ќе имаме конфликт самите со себе да одлучиме кој ќе биде најдобриот иако не сме ги догледале до крај филмовите имаме уште два дена, истакна Љума. ИФФК „Браќа Манаки“ завршува утревечер со свечено доделување на наградите за најдобрите кинематографери. мт/рп/

Остани поврзан