• понеделник, 18 ноември 2024

Претставена културната програма за следните две недели во Крива Паланка

Претставена културната програма за следните две недели во Крива Паланка

Крива Паланка, 16 август 2024 (МИА) - Во пресрет на претстојните фестивали, концерти и манифестации што ќе се одржат во рамки на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата“ и „Кривопаланечко културно лето“, Општина Крива Паланка на прес-конференција ги претстави сите настани и содржини што следуваат во претстојни две недели, почнувајќи од 20 август, до Голема Богородица и празникот на градот, 29 август, кога се чествува патронот, светец - закрилник на Крива Паланка, Св.Јоаким Осоговски.

На прес-конференцијата се обратија градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски, директорот на Центарот за култура Крива Паланка Антони Стојановски, директорот на Градски музеј Крива Паланка Драган Величковски и претставник од Организацискиот одбор на музичкиот фестивал „Џојфест“, Мартин Николовски.

Градоначалникот Митовски посочи дека периодов претставува кулминација на летната програма од „Град на културата“, со сите големи традиционални, меѓународни фестивали и манифестации, но и со новите манифестации, како „Шопско село“, базар на ракотворби, „Пауза за ракија“ и второто издание на „Фестивал на храна“. Август, како што рече, е воедно и период што претставува и пресек на реализација на програмата на манифестацијата што ја прави општината културна престолнина во Северна Македонија за 2024.

- Пред пет ипол месеци, на 6 март, беше означен официјално стартот на програмата „Крива Паланка - Град на културата“, поддржана од Министерството за култура, а до денес бележиме период во кој се реализирани над 70 настани со повеќе од 300 директни учесници, уметници, артисти и изведувачи. Настаните ги проследија над 10 илјади посетители од разни генерации. Бројките се импозантни, атмосферата во градот говори сама по себе за оправданоста на довербата од Министерството да бидеме носители на оваа престижна титула, а фокусот на вниманието на медиумите, на целокупната јавност кон случувањата во Крива Паланка се само уште една потврда за тоа, изјави Митовски.

Август, како што нагласи, е месецот во кој секоја година кулминираат големите случувања од културата, месец резервиран за традиционалните меѓународни фестивали и големи концерти, што носат посебна динамика во градот. Информира дека претстојат настани кои очекува да ја стават Крива Паланка на мапата на градови со најбогата културна понуда и најпосакувана дестинација во регионот, од понеделник 20 август, сѐ до крајот на месецот.

Тој најави дека од 20 август до 22 август 2024 година ќе се одржува 19. Меѓународен фолклорен фестивал „Св.Јоаким Осоговски“, годинава збогатен и надополнет со нови содржини - пејачи, изведувачи, „Пауза за ракија“, концептот „Шопско село“, од 20 август до 25 август, на 23 и 24 август ќе се одржи 11–то издание на реномираниот музички фестивал „Џојфест“ со главни настапи на Суперхикс и Калиопи. На 25 август на градскиот плоштад е концерт од проектот „Македонијо во срце те носиме“. Како кулминација на програмата за август,  на 28 август - Голема Богородица и празникот на градот е концертот на Северина, на градскиот плоштад. Вечерта ќе настапат Давид Темелков со „Мојата Македонија“ и „Brass brothers“.

Директорот на Центарот за култура Крива Паланка Антони Стојановски го најави 19. издание на Меѓународниот фолкорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, со 18 фолклорни друштва и ансамбли и над 700 играорци и играорки.

Директорот на Градскиот музеј Крива Паланка Драган Величковски го презентираше концептот „Шопско село“, што заедно со вториот „Фестивал на храна“, фестивалот на ракотворби и дегустација на традиционални специјалитети од кривопаланечкиот крај и регионот, органски производи, храна и пијалаци, се очекува да биде вистински магнет за посетителите и туристите, со целокупната програма што Крива Паланка ја нуди периодот.

Мартин Николовски од Здружението за култура и уметност „Џојфест“ упати благодарност до Министерството за култура и до „Булмак 2016“ за финансиската поддршка на фестивалот и до Општината за целокупната поддршка и логистика, најавувајќи одлична програма и добра забава со квалитетна музика во двата дена на одржување на фестивалот.

Градоначалникот Митовски на крајот посочи дека општината е подготвена да ги прифати сите посетители, има одличен искусен тим за организација на големи настани од културата. Потенцира дела во соработка со комуналното претпријатие на највисоко ниво е хигиената во градот, со МВР имаат одлична соработка за мир и безбедност на граѓаните, додека како и претходните години, општината ќе ги мапира и објави сите локации за паркирање на возилата на гостите на градот и ќе обезбеди редарска служба.

- Ги повикувам сите љубители на добра музика, добра храна, добра забава и дружење, да бидат гости на Крива Паланка во деновите до крајот на месецот и да уживаат во целокупната програма што ја подготвивме заедно со институциите во рамки на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата“, додаде Митовски. ид/мд/

 

Остани поврзан