• недела, 22 декември 2024

Претседателството на КСОМ на средба со заменик-министрите за социјална политика, демографија и млади и за економија и труд

Претседателството на КСОМ на средба со заменик-министрите за социјална политика, демографија и млади и за економија и труд

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) – Заменик-министрите за социјална политика, демографија и млади и за економија и труд, Ѓоко Велковски и Марјан Ристески, денеска, непосредно по официјалното преземање на надлежноста труд од поранешното Министерство за економија, присуствуваа на седница на Претседателството на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија - КСОМ,  на која се разгледуваат најзначајните прашања за заштита на правата на работниците. 

Претседателот на КСОМ Марјан Ристески порача дека имаат чест по првпат нивните простории да ги посетат двајца заменици министри кои се директно врзани за работничките права и нагласи дека доаѓаат добри денови за работниците.

-Ме радува што конечно имаме добар социјален дијалог. Тоа е патот заеднички преку преговори и разговори да најдеме начин за надминување на прашањата што досега не беа решени. На денешната средба ќе ги запознаеме со барањата на работниците и се надевам дека конечно сме на добар пат. Од другата страна имаме Влада која сака да слуша и која сака да соработува. Вчера имавме средба со советникот на премиерот проф. д-р Лазар Јовески, состаноците продолжуваат и се надевам дека ќе вродат со плод. Свесни сме во каква состојба е државата, но по она што го остваруваме за овој краток период од кога е новата Влада наидуваме на разбирање и ад-хок ги решаваме прашањата кои се приоритет и што може да се решат. За финансискиот дел и платата веќе има одлука за образованието, а во текот на следната недела ќе разговараме и за здравството за каде е најавено некакво покачување, рече претседателот на КСОМ пред почетокот на седницата. 

Изрази надеж дека оваа Влада конечно ќе го донесе и законот за работни односи за кој, како што кажа, претходната влада немаше слух во изминатите седум години за да се реши проблемот со времените вработувања, особено во приватниот сектор и тие да не може да бидат подолги од една година. Во спротивно, додаде, ќе нема доволно работници во земјава.

Заменик министерот за економија и труд Ристески како историски го оцени состанокот на кој, како што кажа, првпат двајца претставници на две сроди министерства се тука за да ги слушнат проблемите на синдикатот.  

-Како Министерство од денеска ја преземаме надлежноста труд и ќе продолжиме со транспарентно работење и социјален дијалог на високо ниво со синдикатите во Македонија, со работодавачите, со стопанските комори, како и со градење на реални политики на реална основа и со реални економски параметри кои ќе дадат одличен резултат во иднина. Одличен резултат значи економски развој, поголема продуктивност на државата, а со тоа и природно растење на платите наместо ад-хок решенија како со претходната влада без никакви анализи и без издржани економски параметри кога се креваа платите 10 отсто, а цената на производите растеше за 20 отсто, изјави заменик министерот Ристески.

Најави дека на виделина ќе се извадат сите законски решенија кои во минатото биле ставани под тепих и дека заеднички ќе се решаваат на Економско социјалниот совет (ЕСС) и низ заеднички состаноци како денешниов со цел, како што рече, земјава да ја направат подобро место за живеење за сите со подобар животен стандард и подостоинствени работници.  

Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Велковски истакна дека денеска ќе дискутираат за сите отворени прашања кои ги имаат синдикалците во овој момент.

-Дојде момент оваа Влада да ги реши сите горливи проблеми кои во изминатите седум години не биле решавани. Заземаме став сите проблеми да бидат решени, но за се треба време и простор, бидејќи ниту имаме магично стапче, ниту, пак, можеме се да решиме преку ноќ, а особено не кога се работи за пари и средства кои се стриктно испланирани и мора постојано да се откажуваме од нешто за да добиеме одредена друга бенефиција. Веќе влеговме во преговори во делот на образованието каде се дефинирани покачувањата што ќе се случат во наредните четири години, а од понеделник следуваат преговори со вработените во здравствената заштита, изјави Велковски.

Навести дека ќе продолжат да работат на сите прашања кои ќе произлезат од синдикатите во директен разговор со нив.

-Сме ги слушале и во минатото и ќе ги слушаме во иднината. Ресорот труд преминува во Министерството за економија и труд и за неколку дена тие ќе се занимаваат со тоа, но тоа е една нераскинлива врска и процес кој не може природно да се откине и затоа  настапуваме заедничка како Влада за да може секој од нас да даде придонес Македонија да биде подобро место за живеење, рече Велковски. вј/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан