Претседателот Пендаровски на одбележување на 80 годишнината од битката кај село Кленоец
- Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска присуствувал и се обратил на одбележување на 80 годишнината од битката кај село Кленоец. Во рамки на настанот, тој положил свежо цвеќе на меморијалниот споменик на паднатите борци.
Скопје, 6 октомври 2023 (МИА) - Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска присуствувал и се обратил на одбележување на 80 годишнината од битката кај село Кленоец. Во рамки на настанот, тој положил свежо цвеќе на меморијалниот споменик на паднатите борци.

Пендаровски им се заблагодарил на членовите на Општинската организација на Сојузот на борците од Кичево што посветено ги чуваат спомените за славната антифашистичка генерација, и што од година во година не потсетуваат да не заборавиме која е цената на слободата.

- Денеска сме тука собрани, да се потсетиме дека цената за нашата слобода е запишана на секој споменик и секој паметник од народноослободителната војна, вклучително и на овој, тука, во Кленоец. На оваа плоча се врежани имињата на борците кои беа подготвени да ја платат и највисоката цена за нашата слобода, со сопствените животи. За да можеме да се наречеме нивни достојни наследници, ние мораме да го чуваме она за што тие се бореа – слобода, правда, соживот и демократски вредности. Преку граѓанско и национално помирување, преку владеење на правото, преку подигнување на квалитетот на животот, наша должност е да ја вратиме надежта кај младите генерации дека можат да се остварат и тука, во својата татковина. И со тоа да се доближиме до идеалот - праведно и слободно општество на еднакви, за какво што сонуваа и гинеа нашите херои во чија чест сме денес, сите ние, овде собрани, рекол претседателот Пендаровски.

Пред три дена, на 3 октомври, потсетил претседателот Пендаровски, се навршија точно 80 години од објавувањето на еден од најзначајните документи на македонската народноослободителна и антифашистичка борба. Тоа е Манифестот на Главниот штаб на НОВ до македонскиот народ. Објавен недалеку од тука, во Црвена Вода, потенцирал, Манифестот е прв официјален документ на македонски јазик отпечатен во првата партизанска печатница „Гоце Делчев“.
- Манифестот ја дава конкретната програма и насоки за натамошниот тек на антифашистичката борба до конечно ослободување и ги исцртува контурите на идното уредување на македонската држава. Но, исто така, Манифестот предупредува дека и покрај големите победи и ослободените територии, на македонскиот народ му претстојат уште многу тешки и крвави борби со фашистичкиот окупатор и неговите соработници, до целосното и конечно ослободување на Македонија. Првата таква борба се случила само три дена подоцна, на 6 октомври 1943-та, тука во Кленоец. И тоа не било случајно. Овој крај бил дел од слободната територија со која управувале првите народноослободителни одбори како никулци на идната слободна македонска држава. Недалеку од тука се Славна Дебарца, но и Славеј Планина каде што бил формиран првиот баталјон „Мирче Ацев“, истакнал меѓу другото во обраќањето шефот на државата.

Иако поради тешките загуби битката кај Кленоец била привремено загубена, како што рекол Пендаровски, сепак, патот кон добивање на војната бил целосно отворен. Со последователните воени акции, како Февруарскиот поход, посочил, беше трасиран патот до АСНОМ и прогласување на слободна македонска држава за прв пат во нашата историја. цр/нд/
Фото: Кабинет на претседателот на државата Стево Пендаровски