• понеделник, 25 ноември 2024

Претседателот Пендаровски ги посети критичните подрачја погодени од невремето во Крива Паланка 

Претседателот Пендаровски ги посети критичните подрачја погодени од невремето во Крива Паланка 

Крива Паланка, 19 јуни 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска ги посети најкритичните локации со свлечишта во Општина Крива Паланка настанати од поплавите што изминативе денови беа предизвикани од поројните врнежи од дожд.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски,со претставници од општинските служби го информираа претседателот Пендаровски за настанатите штети во градот и околината, за состојбата на патната инфраструктура, свлечиштата од поголем обем и превземените мерки за расчистување на состојбата.

Од Општина Крива Паланка информираат дека поради обемот на штетите за нивна санација, ќе биде неопходна помош од државата, особено за решавање на двете големи свлечишта: на улицата кон т.н. Саат маала кај „Осички Мост“, каде поради оштетување на патот отсечени се 200 куќи и стариот патен правец кон манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, каде невремето предизвика свлечишта од голем обем.

И за двете свлечишта доставена е информација до Управувачкиот комитет на Владата на РС Македонија кој заседаваше денес.

Во текот на вчерашниот ден на увид за помош на терен во насип и санација на земјени селски патишта беа претставници од армискиот инженерски вод, а тука, посочија од општината, исто така е потребна поддршка за Крива Паланка, за што беше запознаен претседателот како врховен командант на АРМ.

Пендаровски и Митовски го посетија и речното корито на Крива Река во урбаниот дел на градот, којшто надојдените води го поплавија, а општинските служби за помалку од 24 часа успеаја да го вратат во првобитната состојба, за што им честиташе лично и претседателот. ид/мч/

Остани поврзан