• среда, 25 декември 2024

Претседателот на пратеничката група на СИРИЗА смета дека политиката на соработка со Северна Македонија е замрзната

Претседателот на пратеничката група на СИРИЗА смета дека политиката на соработка со Северна Македонија е замрзната

Атина, 15 септември 2024 (МИА) – Ставовите дека „Преспа беше големо достигнување на грчката надворешна политика“, но и дека активностите за време на владата на СИРИЗА сега се замрзнати, а „се замрзнаа во корист на догмата на неподвижност“, ги изрази претседателот на пратеничката група на СИРИЗА Никос Папас одговарајќи на новинарско прашање за Договорот од Преспа на прес-конференцијата во рамките на Меѓународниот саем во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Папас посочи дека Договорот дојде и поради политичката промена во Грција во 2015 година, но и како „резултат на визијата“ на тогашната грчка влада за „земјата да биде протагонист во регионот“.

-Со нашата влада, не само што решивме големо прашање кое десничарското лицемерие никогаш не дозволуваше да се реши, туку земјата ја направивме протагонист на Балканот и во поширокиот регион. Се зајакнаа трилатералните сојузништва. Посетите на Алексис Ципрас на Балканот и неговите иницијативи беа безбројни. Јас не сум учествувал на поголем трговски форум од оној што се одржа во Северна Македонија. Стотици грчки бизниси и бизниси од Северна Македонија се сретна и ги покажаа можностите, а за жал оваа политика се замрзна и се замрзна во корист на догмата на неподвижност. Но, знаете, кога си ти неподвижен, не престанува и светот околу тебе да се движи и особено ако имаш бучен сосед на исток, агресивна и ревизионистичка сила во однос на меѓународното право, ова е на товар на националните интереси, рече претседателот на пратеничката група на СИРИЗА.

Дополнително посочи дека „потребно е Грција да се врати на енергичната повеќедимензионална надворешна политика“, бидејќи е силна земја и „не може да се однесува како исплашена, бидејќи има Влада која со идеолошки кочници, неприлагодливост и членови кои уценуваат, не го спроведува она што се подразбира“.

На Меѓународниот саем традиционално секоја година, првиот викенд се одржуваат говорот и прес-конференција на премиерот на Грција, а последниот викенд, непосредно пред затворањето е прес-конференцијата на лидерот на главната опозиција, меѓутоа поради случувањата во СИРИЗА и изгласаната недоверба за Стефанос Каселакис, опозициската партија во Солун ја претставува претседателот на пратеничката група.

Никос Папас одговори на над 40 прашања од новинарите на прес-конференцијата што траеше нешто повеќе од два часа, а акцентот беше на внатрешно-политичките случувања во СИРИЗА во пресрет на изборите за нов претседател на крајот на ноември.ср/са/

Фото: СИРИЗА

Остани поврзан