• среда, 27 ноември 2024

Претседателот на Костарика сака да прогласи вонредна состојба заради приливот на мигранти

Претседателот на Костарика сака да прогласи вонредна состојба заради приливот на мигранти

Сан Хозе, 27 септември 2023 (МИА) - Претседателот на Костарика Родриго Чавез изјави дека сака да прогласи вонредна состојба поради зголемениот прилив на мигранти кои патуваат во САД, јави ДПА.

Од јануари досега повеќе од 386.000 мигранти влегле во оваа централноамериканска држава од Панама. Чавез на прес конференција објасни дека воведувањето на вонредна состојба ќе ослободи вонредни финансиски средства за справување со кризата. 

-Сите знаеме дека има миграциска криза во Америка, додаде тој.

Според него, Костарика е првенствено транзитна земја. Само во септември повеќе од 60.000 мигранти пристигнаа во градот Пасо Каноас, во близина на границата со Панама, што е три пати повеќе од населението на самиот град, изјави претседателот на Костарика. Тој додаде дека треба да се зајакне и безбедноста долж миграциските рути.

Панама и Мексико неодамна најавија мерки поврзани со високите нивоа на миграција. Во Мексико, Националната гарда ги засили проверките за да ги спречи мигрантите да се качат на товарни возови.

Покрај мигрантите од Централна Америка, повеќе луѓе се упатуваат кон САД од Венецуела, Хаити и Куба, како и од Африка и Азија, бегајќи од сиромаштија, насилство и политички кризи во нивните земји, соопшти ДПА. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан