• понеделник, 23 декември 2024

Претседателот на ИОК, Бах, во посета на Скопје

Претседателот на ИОК, Бах, во посета на Скопје
Скопје, 10 јуни 2022 (МИА) – Средби со шефот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК) Даниел Димевски оствари денеска во Скопје првиот човек на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) Томас Бах, по повод 30. годишнината од основањето на МОК и 51. Генерално собрание на Европските олимписки комитети. Димевски и Бах, како што е соопштено, договорија многу нови проекти за развој на МОК, а првиот човек на ИОК свечено ја отвори Лабораторијата на МОК за постигнување врвни спортски резултати, која е создадена да го следи психо-физичкиот развој на најдобрите македонски спортисти, но и да го унапреди истиот, како и да ги дијагностицира и менаџира однапред сите можни спортски повреди. Претседателот на ИОК, Томас Бах воодушевен од сето она што го виде во Скопје и воопшто како се развива МОК и македонскиот спорт, на претседателот на МОК Димевски му ја врачи престижната награда – ИОК трофеј „Олимписка куќа“, соопшти МОК. Претседателите Бах и Димевски, заедно со претседателот на Европскиот олимписки комитет, Спирос Капралос, остварија средба и со македонскиот претседател Стево Пендаровски на која се разговараше за многу проекти од заеднички интерес. Бах, притоа, вети дека МОК и македонскиот спорт ќе биде уште повеќе поддржан од ИОК. ег/сх/

Остани поврзан