• недела, 22 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на доделување на признанието „Вељо Манчевски“ за 2024 година

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на доделување на признанието „Вељо Манчевски“ за 2024 година

Скопје, 4 декември 2024

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчеравечер се обрати на свечената манифестација по повод доделување на признанието „Вељо Манчевски“ за 2024 година во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи.

Признанието „Вељо Манчевски“ се доделува како највисоко годишно признание за особен придонес на правни и физички лица кои со својот ангажман, активност и труд, трајно се вградиле во развојот и продлабочувањето на различни значајни сегменти во верската сфера во државата.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска Давкова:

Почитувани министри,

Почитуванa директорке на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи,

Почитувани највисоки претставници на верските заедници и на религиозните групи,

Почитувани гости,

Честа да сум покровителка на манифестација именувана по првиот верски референт на Македонија, Вељо Манчевски, не означува само лична благодарност, туку и длабока вдахновена извонредност. Признанието за особен придонес, врачено од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, годинава го испишува своето трето издание. Симболиката е голема не само за верската, туку и за целата општествена заедница, а придонесот неминовен и важен. Уште од самите почетоци, овој настан останува да подлежи на почит, поддршка, продлабочена соработка и комуникација со Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, којашто почестено ја продолжувам по мојот претходник, господинот Пендаровски. Потрагата по предводништвото нечесто е оставено на жените, па фактот што директорката Трајковска е дел од вашата кауза, ме исполнува со чувство на целисходност и достојна апологија. Мултиконфесионалноста како обележје на Македонија, драгоцено ја поткрепува демократијата, а за нејзините принципи говорат соработката и заемната почит меѓу државата и сите нејзини религиозни и верски заедници. Токму како демократска, секуларна држава, Македонија продолжува совесно да чекори со сите свои институционализирани темели, давајќи правичен приказ на мостот помеѓу слободата на вероисповед и значајноста на придонесот од институциите како вашите. Впрочем, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи е извор на своевиден сервис за граѓаните, којшто става посебен акцент на приоритетот и вреднувањето на верските права и слободи. Богатството го црпиме од вас. Како земја на солидарност, толеранција и посветеност, се надевам дека ова признание успешно ќе продолжи да ги инспирира сите поттикнувачи на општествениот прогрес и гордо да сведочи за нераскинливата врска помеѓу духовноста и националниот развој.

Почитувани и драги присутни,

На денешната манифестација ја имаме честа да изразиме почит кон носителите на признанието, а воедно и благодарност за сета нивна посветеност, работа, пожртвуваност и неуморност. Заслужувате многу. Додека трудољубиво ѝ придонесувате на нашата културна и хуманистичка почва, ние се трудиме вашето дело да го преточиме во зборови достојни на големината на истото.

Сѐ додека системот ја признава човековата целовитост и духовност, сѐ дотогаш и општественоста ќе има вредност. А, вие ја оправдувате. Религијата се темели на симбиоза меѓу личното, заедничкото, нематеријалното и спиритуалното. Здравиот разум ја потврдува идејата за доброто, а тоа пак се изразува преку вербата. Ако сечија желба е сведена на едноставност, етиката и моралот ќе избијат на површина, лишувајќи нѐ од сето зло на овој свет. Делотворни сме тогаш, кога токму таа етичност не само што ја учиме, туку и ја практикуваме. Оттука, признанието „Вељо Манчевски“ е симболичен приказ дека во Македонија таа практика продолжува да се применува, потврдувајќи ја големината на нејзиното учење. Самиот чин на нашето присуство или заедничкото присуство на верските поглавари и великодостојници е порака дека меѓурелигиската толеранција, почитта и соработката не се само хартиени, туку суштински, а за тоа сведочи и клучниот придонес од нашите граѓани.

Хармонијата на соживотот меѓу личности коишто заеднички суштествуваат на исто тло е нешто што може, само по себе, да биде доволно. Како и досега, вие и вашите институции треба да продолжите да ја оправдувате целта со својата морална величина и совесна грандиозност. Од вас може многу да се научи. Градењето на татковината како просперитетно место за живеење, држава во која владее правото, моралните вредности, хуманоста и солидарноста е пат полн со доблести. Во него вие сте неизоставен дел. Мали се зборовите, и моите, за вашата големина.

 

Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан