• петок, 22 ноември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова прими претставници од организацијата Обединети Македонци од Канада

Претседателката Сиљановска Давкова прими претставници од организацијата Обединети Македонци од Канада

Скопје, 5 септември 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска примила претставници од организацијата Обединети Македонци од Канада.

На средбата, на која присуствувале претседателот на ООМК Ристо Дурловски и секретарот Драги Стојковски, претседателката Сиљановска Давкова била информирана за тековните активности и цели на организацијата и за нивното делување во насока на застапување на интересите и потребите на македонската заедница во Канада.

Во таа насока, соопштија од Кабинетот на Сиљановска Давкова, претставниците на организацијата ја запознале претседателката на државата со нивните активности за зачувување и промоција на македонската традиција, култура и јазик, како и за нивните постигнувања и успеси во различни области во канадското општество, преку кои придонесуваат за позитивна афирмација на татковината и јакнење на релациите меѓу двете држави.

Претседателката  Сиљановска Давкова ги истакнала нејзините заложби за негување и продлабочување на односите со македонските иселеници, посочувајќи дека тие се важен сегмент за севкупниот развој на нашата држава и неопходно е да изградиме трајни врски преку соработка, отворање на бизнис-можности, пренос на знаења и инвестиции. 

- Соговорниците разменија мислења и за прашањата од национален интерес, коишто ги засегаат и македонските иселеници, како и за нивната улога во економскиот и демократски развој на земјава, се наведува во соопштението. цр/лв/

Фото:  Кабинет на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова

Остани поврзан