Претседателката Сиљановска-Давкова со највисоки почести ќе го пречека албанскиот претседател Бегај
- Во официјална посета на земјава денеска ќе престојува претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај. Бегај ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.
Скопје, 27 февруари 2026 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести денеска ќе го пречека претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Како што известува Кабинетот на претседателката, по пречекот, ќе следува тет-а-тет средба, а потоа пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Претседателите Сиљановска-Давкова и Бегај ќе имаат заедничка прес-конференција.
- Во рамките на официјалната посета претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје - информира Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.
Во рамките на официјалната посета албанскиот претседател ќе има средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а по потпишувањето во книгата на впечатоци, тој ќе се обрати пред пратениците. хс/ев/
Фото: МИА архива