• четврток, 04 декември 2025

Премиерот на Молдавија нема повторно да се кандидира

Премиерот на Молдавија нема повторно да се кандидира

Кишињев, 13 октомври 2025 (МИА) – Премиерот на Молдавија, Дорин Речијан, ќе ја заврши својата работа на функцијата по истекот на сегашниот мандат, изјави тој денеска на прес-конференција.

Премиерот посочи дека за него била чест партијата „Акција и солидарност“ да му ја довери одговорноста да ја води владата и во наредниот период, но, како што нагласи, неговата одлука да се повлече од оваа позиција е лична и внимателно разгледана однапред, пренесе националната новинска агенција Молдпрес.

Речијан му се заблагодари на својот тим за добрата соработка „во време на сложен период за земјата“.

- Заедно со претседателката Маја Санду, со пратениците од „Акција и солидарност“ и со членовите на партијата, почнавме важни проекти за земјата, и денес сме исклучително блиску до стратешката цел да станеме членка на Европската Унија. И благодарам на „Акција и солидарност“ за довербата и мандатот да ја водам владата на Молдавија во овој сложен период. Работев со професионални, посветени, достојни и храбри луѓе, истакна Речијан.

Тој нагласи дека пред десет години партијата „Акција и солидарност“, предводена од Маја Санду, „се впушти во борба за вистинската демократија и независност на Молдавија“.

- Со многу пречки и грешки, соочена со дилеми и неверојатни предизвици, партијата „Акција и солидарност“ ги исполнуваше своите обврски, и денес зборуваме за Молдавија која се ослободи од олигарси, го прочисти својот правосуден систем, ги зацврсти државните институции, работи за да стане членка на ЕУ и спроведува мерки за раст на економијата. Им благодарам на државните институции кои, во многу тешки услови и под притисок на времето, брзо учеа и одлучуваа да ги штитат интересите на земјата и во најпредизвикувачките моменти за Молдавија. Иако многу од нашите напори останаа невидливи, позицијата на нашата земја денес се должи на секој јавен службеник, секој полицаец, обвинител, судија, на секој државен службеник кој одлучи да ги извршува своите должности чесно и посветено. Докажавме дека можеме да изградиме силна и навистина независна држава, изјави молдавскиот премиер.

Речијан нагласи дека неговата одлука да ја прекине службата како премиер е лична. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан