Премиерот Мицкоски со остра осуда за навредливите скандирања на спортски натпревар во Куманово
- -Искрен да бидам додека бев таму воопшто не го ни забележав тоа бидејќи стануваше збор за мала група луѓе. Но исто така би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она коешто оваа Влада го поддржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции без разлика од која страна доаѓа, нагласи Мицкоски.
Скопје, 4 август 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски ги осуди ксенофобичните скандирања на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија што се одржа во саботата вечер во Куманово.
Тој, одговарајќи на новинарски прашања по поставување на камен темелник на нова спортска сала во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, потсети дека во текот на вчерашниот ден домаќинот, Кошаркарската федерација како и Општина Куманово, исто така го осудиле скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата.
-Искрен да бидам додека бев таму воопшто не го ни забележав тоа бидејќи стануваше збор за мала група луѓе. Но исто така би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она коешто оваа Влада го поддржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции без разлика од која страна доаѓа, нагласи Мицкоски.
Уште еднаш повтори дека апсолутно го осудува, како што посочи, ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина коишто не наидоа на поддршка од страна на ниту еден од присутните во салата.
Министерот за спорт Борко Ристовски упати апел дека во Македонија нема потреба од такви скандирања од која било страна, посочувајќи дека од позиција на Министерство за спорт не можат ништо друго освен да едуцираат и да апелираат.
-Ќе работиме најнапред на едукација на навивачите, навивачките групи на народот дека се што она секој има право да си ја поддржува својата екипа, својата репрезентација, меѓутоа вакви немили настани не треба да се случуваат, и не смеат да се случуваат, рече Ристовски.
Тој, во одговор на прашање дали ќе има одговорност од Олимпискиот комитет за организацијата на младинските олимписки фестивал, рече дека како Министерство ја увиделе ситуацијата со младинските олимписки игри и оти треба да направат детална анализа каде е погрешено, кој погрешил и врз таа основа да носат заклучоци. -Организацијата беше делумно коректна, меѓутоа се направија дополнителни непотребни политички моменти кои опозицијата проба да ги искористи, но пак ќе повторам, сето тоа оди на штета на државата и на тоа како државата ја претставуваме дома и надвор, рече Ристовски.
Политичките партии вчера ги осудија неприфатливите скандирања на поединци за време на вчерашниот кошаркарски натпревар помеѓу националниот тим на Македонија и репрезентацијата на Република Романија што се одигра во Куманово. Основното јавно обвинителство Куманово вчера соопшти дека постапува и до СВР Куманово издало повеќе наредби и насоки за испитување елементи на кривично дело при скандирањата кои содржеле говор на омраза од засега непознати лица на кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија. Оттаму посочија дека е издадена наредба и за обезбедување на снимките од видео надзор со цел идентификација на евентуални сторители. нд/вг/
Фото: Влада