• понеделник, 23 декември 2024

Премиерна проекција на дигитализираниот филм „Мементо“ на Димитрие Османли

Премиерна проекција на дигитализираниот филм „Мементо“ на Димитрие Османли

Скопје, 26 јули 2023 (МИА) - По повод 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје, Кинотеката вечер премиерно ќе го прикаже дигитализираниот филм МЕМЕНТО на Димитрие Османли, а ќе се одржи и проекција на избор од кратки филмски журнали на „Филмске новости“ по повод земјотресот во Скопје.

Со проекциите Кинотеката ќе се приклучи кон одбележување на овој значаен ден кој пред 60 години го промени животот на овој град.

Во 1963 година, се наведува во соопштението, разорен земјотрес го погоди главниот град на Југословенска Република Македонија. Поголемиот дел од градот беше се претворил во урнатини, околу 2000 луѓе ги загубија своите животи, а неколку стотици илјади останаа без своите домови.  Напорната работа што следеше, за да се возобнови градот, беше одбележена со значителна меѓународна помош која успеа да го подигне градот Скопје.

По разорниот земјотрес меѓународната заедница или поточно 87 земји, ги здружија силите за да им помогнат на скопјани и за прв пат од почетокот на таканаречената Студена војна, американските и советските воени сили работеа рамо до рамо во корист на цивилите, со цел да изградат домови, училишта и болници. Затоа и денес во Скопје има улици и згради чии имиња се длабоко поврзани со градовите и државите Германија, Полска, Мексико, Романија, Канада, Чехословачка, Полска, Индија, Финска, Обединетото Кралство, Јапонија, Русија, САД итн.

Уште во 1964-та, годината по земјотресот, во спомен на жртвите од земјотресот, но и во спомен на солидарноста на светот и нациите, се посочува, започнале да се одржуваат манифестациите „Средби на солидарноста“. Овој меѓународен настан донесе многу светски познати музичари и уметници во Скопје како Голден Гејт квартетот, сликарот Пабло Пикасо, Жилбер Беко, Шарл Азнавур, Зубин Мехта итн, па затоа, денес Скопје гордо ја носи титулата „Градот на солидарноста“.

Кинотеката, по повод ова одбележување ќе прикаже извонреден избор од кратки филмски журнали на „Филмске новости“ кои се снимени по земјотресот под заеднички наслов БЛАГОДАРАМ ПРИЈАТЕЛИ. Филмовите прикажуваат автентични архивски снимки од урнатините на градот, но тие се и значајни заради тоа што во нив е документирана и меѓународната помош. Дел од овој избор се филмовите: „Благодарам Пријатели ( помош од Велика Британија)“, „Благодарам Пријатели ( помош од Чехословачка)“,  „Благодарам Пријатели ( помош од Светскиот совет на црквите)“, „Благодарам Пријатели ( помош од САД)“ и „СР Хрватска за Скопје“.

Во рамки на програмата на 26 јули, а со почеток во 20 часот, е и проекцијата на филмот МЕМЕНТО на Димитрие Османли кој воедно е дел од четвртото издание на проектот „Сезона на филмски класици“, организирана од страна на АЦЕ (Асоцијација на европските кинотеки). Филмот МЕМЕНТО во исто време ќе има и он-лајн премиерна проекција која ќе се прикажува на официјалната интернет страна на Кинотеката како и на социјалните мрежи: фејсбук, инстаграм и јутуб.

МЕМЕНТО на Димитрие Османли е снимен во 1967 година и раскажува приказна за Јана која низ разговори и реминисценција со германскиот диригент Вили Милер се сеќава на нејзиното миното и семејната трагедија која ја доживеала во катастрофалниот земјотрес во Скопје. Улогите во филмот ги толкуваат: Стево Жигон, Рената Фреинскорн, Предраг Ќерамилац, Драги Костовски, Нада Гешоска, Петре Прличко и Тодор Николовски.

Од јуни до декември 2023 година, со проекции низ различни европски кина, како и бесплатни „онлајн-проекции“, овие филмови ќе бидат прикажани во рамки на овој проект кој има за цел да го промовира заедничкото културно наследство преку т.н. „херитиџ“-филмови (филмско наследство), со особен акцент кон привлекување на младата публика.

Во програмата „Сезона на филмски класици“, оваа година се вклучени повеќе од 20 институции кои се грижат за европското филмско наследство, вклучувајќи ги Југословенската кинотека – Југословенски филмски архив од Белград, Националниот филмски институт Унгарија – Филмската архива од Будимпешта, Словенечката кинотека од Љубљана, Чешкиот филмски архив од Прага, Кинотеката на Македонија од Скопје, Бугарскиот национален филмски архив од Софија, Кинотеката на Националниот архив на Естонија од Талин и Државниот архив на Хрватска – Хрватската кинотека од Загреб.

Проекциитe се во организација на Кинотеката на Северна Македонија, како и Министерството за култура на Северна Македонија и проектот Сезона на филмски класици организиран од страна на  Асоцијацијата на европски кинотеки (АЦЕ). вг/

Фото: Кинотека

 

 

Остани поврзан