Премиера на „Д (како Дездемона)“ на Денови на македонските кореографи
- Во рамки на Деновите на македонските кореографи, вечер од 20 часот на Мала сцена на Националната опера и балет премиерно ќе биде изведена претставата „Д (како Дездемона)“ во кореографија на Рисима Рисимкин, која годинава одбележува 45 години уметничко творење.
Скопје, 24 април 2025 (МИА) - Во рамки на Деновите на македонските кореографи, вечер од 20 часот на Мала сцена на Националната опера и балет премиерно ќе биде изведена претставата „Д (како Дездемона)“ во кореографија на Рисима Рисимкин, која годинава одбележува 45 години уметничко творење.
Претставата е во продукција на Скопје танцовиот театар. Инспирирана е од трагедијата „Отело“ на Вилијам Шекспир чие творештво Рисимкин продолжува да го истражува, со посебен акцент на женските ликови во неговите дела. По „Лејди Магбет“, ова е втора претстава која е базирана на женски лик од делата на Шекспир, т.е. втор дел од трилогијата „Жените во делата на Шекспир“ која оваа кореографка ја работи со современ танцов израз.

-Шекспир е мајстор на зборот и јас сум голем почитувач на неговото творештво. Посебно ме инспирира можноста тоа мајсторство од збор да го пренесам преку движење на сцената и да допрам до публиката со една поинаква, современа естетика, истакнува Рисимкин.
Во претставата настапуваат првенците на Скопје танцовиот театар - Адријана Данчевска и Дејан Битровски, како и солистите Сара Димовска, Лука Ѓорѓиев, Давор Милев, Надја Луканова, Елена Терзиева и Ивона Маневска. Музиката е на композиторот Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, сценскиот дизјан на Матеа Мијановиќ, светло дизајнот на Милчо Александров.
Деновите на македонски кореографи се во организација на Националната опера и балет и со поддршка на Министерството за култура и туризам. хс/лв/
Фото: Скопје танцов театар