• четврток, 04 јули 2024

Премиера „Момчето со пругасти пижами“ на Драмското студио „Летечка театарска трупа“ – Тетово

Премиера „Момчето со пругасти пижами“ на Драмското студио „Летечка театарска трупа“ – Тетово

Тетово, 26 септември 2023 (МИА) – Драмското студио „Летечка театарска трупа“ Тетово синоќа ја одржа премиерата на претставата „Момчето со пругасти пижами“, како завршна активност во рамки на одбележувањето на 15 години од постоењето.

Режисерот Владимир Јованоски подготви претстава со адаптација на романот на ирскиот романсиер Џон Бојн „Момчето во пижами со пруги“, од 2006 година.

-„Момчето со пругасти пижами“ ја отсликува историската потреба од незаборавање на најголемото светско зло нацизмот низ призма на лична семејна трагедија која како бумеранг му се враќа на еден од креаторите и извршителите на расизмот и ксенофобијата. Длабоко интимна приказна на семејни вредности кои девалвираат под стегата на нацистичката идеологија чија жртва е семејство како нуклеус на општеството. Претставата е со силни амплитуди на емоции, богати дијалози, брза е и неизвесна. Иако има трагичен крај таа носи силна универзална порака за мултикултурализмот и мултинационализмот. Претставата е круна на одбележувањето 15 години од основањето на Летечка театарска трупа. Оваа премиерата е меѓу неколкуте прикажани годинава по повод јубилејот, изјави режисерот Владимир Јованоски.

Драмското студио „Летечка театарска трупа“ Тетово во текот на април ги почна активностите за одбележување на 15 годишниот јубилеј. Беа изведени „Црвенкапа“ претстава за мали и големи деца на 11 април, како и „Пепелашка“ на 19 април.

Во мај на фестивалот ДАФ во Кочани претставата „Црвенкапа“ доби награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци.

Репризата е утревечер, вторник од 19 часот исто така во Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ Тетово. ас/цр

Фото: ЛТТ 

Остани поврзан