• недела, 22 декември 2024

Преку системот на „Пакомак“ минатата година рециклирани 27 521 тон амбалажен отпад

Преку системот на „Пакомак“ минатата година рециклирани 27 521 тон амбалажен отпад

Скопје, 7 јули 2023 (МИА) - Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување ги објави своите резултати од напорите за организирана заштита на животната средина за 2022 година. Според официјалните извештаи, компаниите-членки на „Пакомак“ пријавиле 47 705 тони амбалажен отпад од кои 27 521 тон или 57,7 отсто се рециклирани.

Согласно Законот за управување со отпад, „Пакомак“, како што соопшти, не само што ги исполни, туку и ги надмина поставените национални цели.

-Покрај редовните и континуирани инвестиции во инфраструктура за одложување на отпад, во 2022 година за истакнување е инвестицијата во 30 нови повратни вендинг машини за амбалажен отпад, како начин за дополнителна стимулација на населението за селектирање пластични шишиња и лименки. Повторно се организираше конкурсот „Trash for Art“ поттикнувајќи креативност и покажувајќи дека амбалажниот отпад може да има и друга намена. Заедно со партнери се организираше фестивалот Sound of Green, на кој беа собрани речиси 4 контејнери пластични шишиња и лименки, или над 4000 парчиња амбалажен отпад, кој гостите го носеа со себе како влезница, наведува компанијата.

Околу 1 500 угостителски објекти го селектираат стаклениот отпад преку системот на „Пакомак“.

Според извршниот директор, Филип Ивановски, „Пакомак“ ќе продолжи со инвестиции во комунална инфраструктура, бидејќи во некои општини сè уште недостигаат контејнери за комунален отпад, а нема и контејнери за селективно собирање.

-Наша цел е натамошна соработка со локалните самоуправи за на различни локации да има барем по еден контејнер за амбалажен отпад, пред се ПЕТ, хартија, лименки и стакло, како и да се обезбедат специјализирани возила кои ќе ги опслужуваат. Дополнително ќе се поставуваат и нови вендинг машини. Исто така, не смее да се изостави како многу важен фактор и улогата на граѓаните, нивната решителност и свесност за важноста да се селектира отпадот - пластични шишиња, лименки, стакло и хартија, да ги фрлаат во посебен контејнер или пак да ги одложуваат во вендинг машините. И комуналните претпријатија како единствени овластени собирачи на селектираниот отпад мора да бидат многу поефикасни и редовно да ги празнат контејнерите, истакнува Ивановски.

Тој додава дека културата за селектирање и рециклирање на амбалажниот отпад е нешто на што треба да се работи континуирано. мч/aa/

фото:  „Пакомак“ 

Остани поврзан