• петок, 22 ноември 2024

Преку обука за фриленсинг помош и поддршка за самохраните мајки

Преку обука за фриленсинг помош и поддршка за самохраните мајки
Скопје, 16 септември 2021 (МИА) - Преку меѓународна платформа за донации „Импакт Фондација“, започна донаторска кампања за собирање средства, што ќе бидат наменети за поддршка на најмалку 10 самохрани мајки да се обучат како фриленсери и да започнат кариера на некоја од препознатливите фриленсинг платформи. Како што информираат од фондацијата, целта е обезбедување обуки за фриленс работа кои би помогнале на оваа категорија граѓани да обезбедат достојна заработка. Дополнително, ова би овозможило флексибилно работно време за самохраните мајки, кои честопати се соочуваат и со недостаток на време за нивните деца. Согласно најновите светски и локални податоци во поголем број земји во светот, самохраните мајки претставуваат 80 до 90 проценти од самохраните родители. Во 2020 година 4 371 самохран родител во Република Северна Македонија аплицирале за некаква финансиска помош од страна на државните институции. Овие податоци говорат дека многумина самохрани родители имаат проблеми да обезбедат соодветни средства за израснување на нивните деца. -Импакт Фондацијата цели да помогне на ранливите категории на граѓани во земјата преку проектот, вклучувајќи ги и самохраните мајки. Недоволно посветено внимание и негирање на постоењето на проблеми кај самохраните мајки доведе до создавање на донаторската акција. Со тоа би се овозможило еднакви шанси и пристап до меѓународен пазар и за оние кои немаат доволно средства за покривање на едукативни трошоци, стои во соопштението од Фондацијата. Како дел од поголем проект, „Импакт Фондација“ ќе соработува со поголемите тренинг центри во земјата за создавање едукативни модули кои специјално ќе бидат насочени кон обука за фриленсинг, опфаќајќи и технички познавања, како и меки вештини. „Импакт“ е фондација за развој на приватниот сектор преку континуирана промоција на одржлив развој. Работи на полето на зелени економии, одржлив туризам и иновативни технологии со пристап за развој на пазарните системи. Воедно Импакт Фондација се грижи и за општествената благосостојба.свс/лв/

Тагови

Остани поврзан