• петок, 22 ноември 2024

Преку демо тура со електричен автобус, Прилеп се вклучи во европската недела на мобилност

Преку демо тура со електричен автобус, Прилеп се вклучи во европската недела на мобилност
Прилеп, 27 септември 2022 (МИА) - Со градска линија на електричен автобус во посета на прилепското основно училиште „Климент Охридски“ и со превоз на еден клас од 30 ученици до Паркот на револуцијата и едукативно предавање, Прилеп денеска се вклучи во одбележувањето на Европската недела на мобилност и во поддршката на одржливото размислување и живеење. Учениците имаа едукативно предавање на тема „Екологија и придонесот на електричните возила кон намалување на загадувањето и заштитата на животната средина“. За прилепскиот градоначалник Борче Јовчески климатските промени создаваат опасност, но и потреба да се размислува за намалување на опасноста од загадувањето на животната средина и емисијата на издувните штетни гасови. - Еден од начините е токму употребата на електрични превозни средства, особено нивното користење во јавниот градски превоз.  Токму оваа денешна тура со електричниот автобус ни ги покажува можноста и иднината кон која треба да се стремиме за да ги подобриме условите за живот на граѓаните - јавен електричен градски превоз со 0 емисија на штетни гасови, изјави Јовчески. Билјана Јанчевска од компанијата „Аутомакедонија“ од Скопје, со чија поддршка се одвива одбележувањето, смета дека е многу битно да се имаат предвид предностите на електричната мобилност во секојдневното живеење. - Се надеваме дека во иднина низ улиците во градовите ќе гледаме повеќе електрични превозни средства, рече Јанчевска. Инаку, моментално, автобусите во прилепскиот јавен превоз се на метан. ем/цр  

Остани поврзан